Ја прегледав цела тема. Колку да не се повторувам со претходните постови, ќе додадам неколку филмови кои не се споменати, а се обавезни според мене.
Dogville - Мојот омилен филм. Evah. Го имам гледано којзнае колку пати и, иако го знам напамет, никогаш не ми е досаден. Напротив, секогаш ме поттикнува да размислувам во некој сосема нов правец. Она кое уште при првото гледање ми остави впечаток и ме трогна е бруталноста, во буквална и метафорична смисла. Ларс Вон Триер, еден од моите омилени режисери, без никаква наивност ни го прикажува реалниот свет, вистинската природа на луѓето и она со кое секој човек се соочува во секојдневието - вистинскиот живот. Со проучувањето на менталитетот на малото гратче, Dogville ги проучува последиците кои настануваат како резултат на ограниченоста на луѓето. Истовремено ни покажува дека работите не функционираат во пракса како што функционираат во теорија. Сето тоа искомбинирано со природата на простувањето и последиците од истото.
The Science of Sleep - Еден од најубавите љубовни филмови кои сум ги гледал. Оригинален спој на романса и фантазија. Основната цел на филмот е да ни овоможи да ѕирнеме во умот на еден чуден и срамежлив, но и интелигентен и креативен човек. Сето ова филувано на крајно креативен и необичен начин. И покрај уметничките секвенци, кадри кои како да се излезени од емисии за деца, The Science of Sleep е ужасно реален. Тоа е бидејќи секој може да се поистовети со главниот лик. Сите понекогаш знаеме да си создадеме сопствени реалности, да влеземе во филм. Ликот на Стефан служи да ги видиме последиците од тоа, без разлика дали се добри и лоши и без разлика дали „сонуваме“ свесно или несвесно.
Dancer in the Dark - Единствениот филм на кој сум плачел. Толку.
The Fall - Фасцинантно убав филм кој за мене претставува уметничко дело. Празник за очи кој совршено ја надополнува приказната поделена на два дела: реален и имагинарен. Овие два света соврешно балансираат низ односот помеѓу едно мало девојче и еден повреден каскадер. Нормално, реалноста е посурова од фантазијата, но со текот на времето овие два света можат да се спојат, да се надополнат и да си помогнат еден со друг. The Fall може да ве насмее, но и да ве натажи. Може со својата наивност да ве врати во детството, но и со својата сериозност да ве натера да размислувате за она кое допрва следува.
Amores Perros - Првиот, и според мене најдобриот дел од Трилогијата за смртта на Алехандро Гонзалес Инариту. Филмот е составен од неколку приказни кои навидум немаат никакви допирни точки. Навидум. Приказните се различни, но секоја од нив се занимава со две спротиставени видови емоции: љубовта и омразата. Иако понекогаш на гледачот не му е јасно што се случува, се' си доаѓа на место кога ќе се откријат вистинските позадини и мотиви на ликовите. На крај, и повремено вметнувајќи социјални теми, Amores Perros покажува колку примитивна и едноставна може да биде љубовта, како истата може да премине во омраза, но и како омазата може да се претвори во љубов.
The Secret in Their Eyes (El Secreto De Sus Ojos) - Добитник на Оскар за најдобар странски филм во 2010-та година. Уште во првите минути од филмот на гледачот му се сервира мистерија која го грабнува вниманието. Потоа на површина излегуваат главните теми кон кои цели приказната. Темите за љубовта и одмаздата. Теми кои се врежуваат во умот на гледачот и траат дури и откако филмот ќе заврши. Главната цел на El Secreto е да го поттикне гледачот да размислува, и тоа со чувства. Тој знае да биде мрачен, тажен, меланхоличен, романтичен, убав. Лично мене најмногу ми оставија впечаток деловите од филмот без дијалог. Во овие моменти се' можеше да се сфати само ако се погледне во лицата на ликовите, во нивните изрази, и пред се' во нивните очи.