Вицешампионот Струмица ќе се спојува со третолигашот АБА?
Љубителите на спортот во Струмица речиси сигурно и следната сезона ќе може да следат прволигашка кошарка и покрај тоа што истоимениот тим пред само десетина дена најави комплетно расформирање и откажување на настапот во сите дотогаш пријавени натпреварувања.
Спасот на струмичката кошарка, како што дознава „Нова Македонија“, ќе се најде преку спојувањето на КК Струмица со актуелниот третолигаш АБА, за што има адекватно расположение. Информациите велат дека управата на АБА размислува да ги собере остатоците од актуелниот вицешампион, пред се помладите играчи што се под договор, со оглед на тоа што Диме Тасовски, Дарко Соколов, Виктор Крстевски и Дејан Вегов речиси сигурно ќе решат да ја променат средината во минипреодниот рок кон крајот на идниот месец.
- Точно е дека во моментов само размислуваме на своевидна фузија помеѓу Струмица и АБА, но тоа засега е далеку од конкретна реализација - кусо коментира Александар Ангелов, првиот човек на АБА.
Ангелов пред две сезони беше еден од најголемите спонзори на Струмица, и тоа во периодот кога екипата стана шампион на Македонија. Тој минатото лето си замина од таборот на зелено-белите поради кавга со Панајотис Карапиперис, доскорашниот претседател на Струмица. Веднаш потоа тој влезе во АБА, тим што минатата сезона играше во Втората лига од која на крајот испадна поради лошите резултати.
Струмица летово доби вајлд-карта за настап во Балканската интернационална кошаркарска лига (БИБЛ), но пред извесно време беше „избркана“ од ова друштво поради неплаќање на потребната котизација од 10.000 евра. Истовремено, клубот остана без управа, со тоа и без спонзори, поради што сите професионални кошаркари во тимот добија одврзани раце да си заминат во друга средина.