Инаетот ме донесе до врвот
Многу тениски стручњаци предвидувале дека Федерер никогаш нема да стане број еден во тенисот, но тој докажа како љубовта знае да биде главниот двигател во животот.
Роден е на 8-ми август 1981 година во Бининген, Швајцарија, како син на Линет Ду Ранд и Швајцарецот Роберт Федерер.
Родителите потполно се посветиле на неговото образование, а најмногу внимание посветиле на учењето на католичката вероисповед.
Љубовта кон тенисот и кон фудбалот ја покажува уште како дете. И додека фудбалските тренери му кажувале дека ќе стане одличен фудбалер, тениските го нарекувале антиталент.
Сепак, љубовта кон индивидуалниот спорт победила, а фактот дека никој не верувал во него, ја разбудил желбата кај Рожер да им покаже на сите дека грешат.
"Тренирав и по седум-осум часа дневно, без пауза, сакајќи да покажам дека јас го можам тоа. Бев тврдоглаво дете, но со дисциплина и одрекувања знаев дека можам да успеам. Така, инаетот ми е најголема доблест во животот."
Иако длабоко во себе знаел дека ќе стане професионален тенисер, Федерер се сеќава и на деновите кога му било тешко и кога помислувал дека веќе не е психички стабилна личност, која само во една секунда може да се поздрави од се што направила.
"Водев борба самиот со себе, а тоа е најтешкиот меч во животот на секој човек. Има мигови кога плачев од среќа, но и кога бев на работ на нервен слом. Чекор по чекор научив на луѓето да не им ги покажувам емоциите, затоа што некогаш знаат да бидат многу зли кога ќе почувствуваат дека сте психички слаби. Поради мојот надворешен изглед, новинарите често мислат дека сум арогантен, а, всушност, сум многу емотивен и често плачам, од што не се срамам." - вели тенисерот.
Во 2000 година, na ОИ во Сиднеј ја запознава жената која го сменила неговиот живот и погледите на светот. Кога ја здогледал тенисерката Мирка Вавринец, знаел дека тоа е жената покрај која сака да ја дочека староста.
"Не знам како да го опишам моментот кога првпат се бакнавме, како се чувствував, но ќе се обидам вака: да беше песната "I am a women in love" од Витни Хјустон отпеана во машки род, би била мојата биографија. Погледот на Мирка и нејзините усни се најубавото нешто што некогаш сум го видел. Можеби звучам и патетично, но тоа што го чувствувам за неа не можам да го искажам со зборови."
Во 2009 година, на 11 април тие стапуваат во брак.
"Беше сончево, а небото имаше некаква сина боја, која никогаш порано не сум ја видел. Стапив во брак со личноста што ја сакам најмногу на светот и тоа ме правеше мошне горд. Посебно ми е драго што од тој ден веќе не ја претставував како моја девојка, туку како сопруга. Тоа се ситници, но тие ме прават горд - вели тенисерот, кој само неколку дена пред свадбата дознал дека ќе стане татко.
Првин мислеле дека Мирка носи момче, но докторот ги известил дека ќе имаат близнаци, и тоа женски, кои се родени на 23 јули 2009 година. Раѓањето на Мила Роуз и на Шарлин Рива ги исполнило сите желби и соништа на Федерер.
Извор: Дневен весник "Фокус"
Превземено од
Roger Federer Official Fan page-Macedonia