Гиганти што повеќе не се тоа
Во бившата држава Македонија имаше шампиони или речиси трофејни состави во четирите главни колективни спорта (фудбал и одбојка Вардар,
ракомет Пелистер, кошарка Работнички), но тие сега се само бледа сенка, згора и на работна егзистенција
Постарите љубители на спортот сé уште кажуваат како во нивно време, кога Македонија, како дел од една поголема држава, во речиси секој колективен спорт имала тимови што играле успешно и носеле радост во многу посилна конкуренција од таа што сега ја имаме сега.
Тие, на помладите, со тага во гласот им раскажуваат за победите на фудбалерите на Вардар над Црвена звезда, Партизан, Динамо и Хајдук, за успесите на кошаркарите на Работнички и на одбојкарите на Вардар, кои достојно ја презентираа Македонија во сојузна конкуренција.
Место во оваа спортска лекција од историјата има и за мечевите на ракометниот тим Пелистер против легендарниот состав на Металопластика од Шабац, кога во салата „Младост“ во Битола имаше „двојно“ повеќе гледачи од нејзиниот капацитет.
Ваквите успеси на овие некогаш големи тимови во времето од заедничката држава сега се само сеќавање на оние што имале среќа да бидат сведоци. На оние помладите им останува успесите на некогашните гиганти да ги гледаат само на старите видеоснимки и слики, а во реалноста спортските идоли да ги бараат во некои клубови што и не постоеле во времето кога Вардар, Работнички, Пелистер жареле и палеле низ терените или салите во поранешната СФРЈ.
ТИТУЛИ, ФИНАЛИЊА...
Последна жртва на транзицискиот период е кошаркарскиот тим на Работнички, кој деновиве се најде на работ на егзистенција откако остана без долгогодишниот главен спонзор „Фершпед“, компанија што 20 години се грижеше за финансиите на овој гигант. Многумина се надеваат дека многу брзо ќе се најде адекватна замена за „Фершпед“ и дека Работнички, зад кого се едно финале на Купот на СФРЈ и одличен настап во Купот на куп-победниците, нема да го снајде судбината на останатите големи тимови.
Прв што попушти во транзициската битка беше одбојкарскиот клуб Вардар, кој во седумдесеттите години од минатиот век беше неприкосновен во СФРЈ и кој беше реномирано име дури и во европски одбојкарски рамки. Шампионот од 1977 година, кога црвено-црниот дрес го носеа Владимир Богоевски, Горан Србиноски и Александар Тасевски, кои истовремено беа предводници на силната репрезентација на СФРЈ, сега е само просечен прволигаш, кој грчевите се бори да продолжи да постои. А пред само триесетина години Вардар беше четвртопласиран во Купот на шампионите.
Нешто поголем отпор на новото време му пружи битолскиот ракометен гигант Пелистер. Битолчани, предводени од легендарниот Пепи Манасков, во последните години од СФРЈ успеаја да станат вицешампиони на поранешната држава губејќи ја клучната битка со Металопластика. „Пелистерци“ беа речиси со ист квалитет како и тимот од Шабац, кој кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век доминираше и во Европа. А, за Металопластика тогаш играа ведети како Веселин Вујовиќ, Веселин Вуковиќ, Миле Исаковиќ, Момир Рниќ, Мирко Башиќ...
Сега од Пелистер остана само славното минато. Клубот со години е на работ од егзистенцијата, а веќе ниту оние најзагреаните навивачи на овој тим не се сеќаваат кога зелено-белите последен пат биле релевантен фактор во македонскиот ракомет.
Фудбалскиот клуб Вардар е приказна за себе. Крајот на СФРЈ, а особено исчезнувањето на државните компании (приватизација), значеше и почеток на крајот за клубот, кој во 1987 година стана шампион на поранешната држава заматувајќи ги сметките на клубовите од „големата четворка“.
Квалитетот со кој Вардар ја дочека самостојноста на Македонија им донесе доминација на црвено-црните во првите неколку домашни првенства. Како одминуваа годините, Вардар сé повеќе паѓаше, шампионските титули полека почнаа да ги освојуваат други тимови, за да дојде време овој фудбалски гигант да се најде на работ на егзистенцијата каква што е ситуацијата во моментов.
МИНАТОТО КАКО ТЕМЕЛ
Многумина ќе речат дека секое време си има свои херои. Можеби тоа е така, но традицијата и историјата се работи што не можат да се купат со пари. Без разлика на моментната ситуација, Вардар, Работнички и Пелистер секогаш ќе имаат минато со кое ќе се гордеат и врз кое ќе може да ја планираат иднината.
Потребно е само да се најдат вистински луѓе што ќе го согледаат ова и кои ќе сторат сé, а и ќе дадат сé, одбојкарите и фудбалерите на Вардар, кошаркарите на Работнички и ракометарите на Пелистер да бидат јунаци и на новите генерации. Со нив конкуренцијата ќе биде посилна. Тоа ќе роди поголем квалитет. Тоа ќе роди интернационални успеси. Тоа ќе ги врати вложените пари. А тоа...
се најавуваат неколку нови засилувања за во Пелистер и тоа играчи како Зарков кој е многу блиску до зелено-белиот дрес потоа Јович кој е и во преговори со Металург со надеж дека нема да потпиши за нив прва опција би му бил Пелистер договорен веке бил потписот на прилепчанецот Бозаровски кој лани играше за Златен Даб и ако се остварат овие трансфери Пелистер се очеква да биде посилен од лани но сепак не каде што му е местото т.е. во борба за титулата туку за 3то место каде што би требало конкуренти би требало да му се ВВ Тиквеш и Тинекс Пролет
http://www.sport.com.mk/WBStorage/Files/122707.pdf