Утрински па го најавува Раул Гонзалес:
„Во наредните десет дена не очекувајте информација за името на новиот тренер. Имав разговор со еден кандидат од Шпанија, кој во моментов не работи никаде, но договор ни со него ни со некој друг не е постигнат. Тоа што беше објавено во некои медиуми и имињата што се споменуваа, нема врска“, изјави Русинот на денешната прес-конференција за денешниот дуел со црногорскиот првак во регионалното натпреварување.
Имињата што се вртеа, а на кои мисли главниот финансиер на шампионот на Македонија, се Талант Душебаев, Олег Кулешов и Хесус Хавиер Гонзалез Фернандез. Првите двајца беа на трибините во арената „Борис Трајковски“ на мечот со ПСЖ во неделата, но по друг повод - Душебаев за да го гледа синот Алекс, а рускиот селектор Кулешов да види во каква форма се репрезентативците Тимур Дибиров, Алексеј Растворцев и Михаил Чипурин. Гонзалез Фернандез, пак, го тренира шпанскиот дебитант во ЛШ, Натурхаус ла Риоха, со кој во минатата сезона заврши трет во шпанската лига АСОБАЛ.
Покрај Талант Душебаев, по банкротот на мадридските „рохибланкоси“ без ангажман остана и неговиот асистент Раул Гонзалез (43), а неговото име е најново во лицитацијата за нов предводник на „црвено-црните“. Станува збор за поранешен успешен ракометар, кој заедно со Душебаев и со Енрик Масип се сметаат за тројцата најдобри средни бекови во историјата на шпанскиот ракомет. Целата кариера ја поминал во Валјадолид, со кој ги освоил Купот на кралот и АСОБАЛ-купот, а со репрезентацијата на Шпанија има бронзен медал од Олимпијадата 1996 во Атланта.