Ракометарите на Вардар се „извадија“ за двата порази по ред од Еурофарм Пелистер и прославија победа над големиот ривал Металург со 25-20.
Како и на претходните дуели, вардарци имаа лош почеток и сега, па Металург водеше со 1-5 по десетина минути игра. Алушовски мораше да бара тајм-аут, а неговите избраници заиграа подобро.
По 4-6 за Металург, Вардар направи серија од четири погодоци преку Стоилов, Дибиров, Карапалевски и Чупиќ за 8-6. Гостинот од Автокоманда сепак со реми замина на пауза, 8-8, откако погодија Шилегов и Поповиќ.
Беше 9-9, пред вардарци да ја направат клучната серија на мечот и поведоа со 16-12, а таа предност беше лесно одржана до самиот крај за конечни 25-20. Најдобри стрелци кај Вардар беа Гаџа со пет и Чупиќ со четири голови, а кај Металург се истакна Тарабокија со пет погодоци.
Од голманите кај вардарци, Кантегрел имаше пет интервенции, а Кизиќ шест, додека кај Металург, Дупјачанец имаше пет одбрани, а Ѓорѓески запиша четири интервенции меѓу кои и два од удари од седум метри.