По повод селективното извршување на правилата во кошаркарското првенство
На почетокот на сезоната Мзт Скопје поради три прекини во текот на натпреварот со Лирија, тој беше прекинат, салата испразнета и автоматски суспендиран теренот на Мзт Скопје точно за големото дерби со Работнички. Иако третиот прекин, оној одлучувачки за прекин на натпреварот беше вештачки исцениран од гостинската екипа, Мзт Скопје и воопшто сите љубители на кошаркарката беа казнети со тоа што на најголемото спортско дерби во Македонија наместо песни од две навивачки групи се слушаа шкрипците на патиките на играчите. Но, иако ни беше тешко да се помириме со таа одлука, продолживме понатаму со тешка мака и со огромни сомнежи дека и оваа сезона, како и многу сезони наназад, раководството на МКФ тендециозно ќе донесува одлуки против Мзт Скопје. Но, сепак, потајно се надевавме дека има бар малку вистина во изјавите на комесарот дека оваа сезона правилата ќе ги почитуваат сите и дека нема да исклучоци.
За жал, после неполн месец, се остварија нашите сомнежи дека раководството на МКФ селективно ги применува правилата, така што правилата мора да се почитуваат само во Аеродром, додека на сите други им се прогледува низ прсти. Иако правилата и пропозициите на МКФ налагаат прекин на натпревар и празнење на сала во случај да има 3 прекина на натпреварот, на дуелот Куманово – Мзт Скопје по 4 прекина и пауза од 30-40 минути (иако правилата налагаат дека најдолгиот прекин може да биде 20 минути и после тоа да се прекине натпреварот и да се доигра следниот ден) натреварот продолжи само со празенење на првите 2 реда, кои за нецели 3 минути беа повторно исполнети со гледачи. За време на прекинот претседателот на МКФ, иако нема право на тоа, се симнал од трибините во просторијата за судиите и делегатот и вршел притисок врз нив за да не се прекине натпреварот и да се продолжи без оглед на се. Навивачката група Family Aerodrom би сакала да го праша претседателот, која е причината поради која е вршен тој притисок и зошто тој самиот како сведок на сите тие немили настани предизвикани од кумановската публика, агитирал да се догира натпреварот иако имало мал милион прекршувања на правилата и притоа безбедноста на судиите и гостинските кошаркари била загрозена во текот на целиот натпревар.
Се заложувавте за почитување на правилата, а вие бевте тие кои дававте налози да се прекршуваат, тренирате строгост само во Аеродром, правите огромни напори да му наштетите на Мзт Скопје и на најкошаркарската општина во Македонија и се тоа поради некои ваши нерасчистени сметки со Мзт Скопје. Навивачката група Family Aerodrom како повод за овој однос на раководството на МКФ кон Мзт Скопје го гледа тоа што во Аеродром публиката не е инстант публика и навистина ја сака кошарката. Тоа секако им е трн во око на раководните луѓе на МКФ кои си ја присвоија кошарката и федерацијата ги пуштија своите пипци и си прават што сакаат со кошарката. Нивната цел во континуитет е да ја бркаат публиката од салите, посебно онаа која редовно оди на натпревари за да имаат што помалку сведоци на бламажите што ги прават во превенството. Се прашуваме како ли ние ќе организираме квалификационен турнир за Олимпијадата, кога оваа МКФ неможе да регуларно да ги одржи првите 10 кола од првенството. Каков ли срам пред светот ќе ни приредите не сакаме ни да помислиме.
Во оваа прилика сакаме да го прашаме раководството на КК Куманово дали поради присуството на престедателот на МКФ не ни беше дозволено да присуствуваме на натпреварот? Дали неговиот страв повторно да биде награден со свирежи ни го скрати правото да слобода на движење и правото да го бодриме клубот за кој навиваме?
Непочитувани Даниел, Дејан и Владимир, што ли можеме да очекуваме од вас како раководство на моментално најпопуларниот спорт во државава, кога неможете да бидете доследни ни на правилата кои вие самите си ги измислувате и „важат„ само во нашата кошарка?
А ние како Family Aerodrom ви ветуваме едно, колку и да се трудите да не уништите и да му наштетите на нашиот клуб, ние ќе бидеме се појаки и побројни и се погласни и погласни во искажувањето на неправдите кон нас и на неправилностите кои вие и вашето безкичмењачко раководство ќе ги прави.