Зизу во пензија по мундијалот
Зинедин Зидан вчера и официјално ја потврди одлуката да ја заврши својата фудбалска кариера по завршувањето на мундијалот.
"Долго размислував, и на крајот сфатив дека најдобро ќе биде ако му кажам збогум на фудбалот. Ова е моја конечна одлука и немам намера да ја сменам. Мислам дека е добро што волку рано ги разрешувам сите дилеми, бидејќи сега далеку порелаксирано можам да се посветам само на последните настапи во дресот на Реал и на француската репрезентација", изјави францускиот генијалец.
Зидан имаше уште една година од актуелниот договор со Реал Мадрид, но успеа да се договори со "кралевите" истиот да биде раскинат веднаш по завршувањето на сезонава.
Французинот своевремено беше најскап светски фудбалер, кога во 2001 година Реал Мадрид му плати на Јувентус 66 милиони долари за да го доведе на Сантијаго Бернабе. Зизу се оддолжи постигнувајќи го победничкиот гол на финалето од Лигата на шампионите против Баер Леверкузен, со што воедно овој фудбалер го освои и единствениот трофеј што му недостигаше во кариерата.
"Морам да слушам што ми вели телото. Сезонава доста се мачев со повреди, и ако продолжам уште една сезона, догодина може да биде уште полошо. Затоа, мислам дека најдобро за сите ќе биде ако заминам во пензија, а Реал на мое место донесе ново засилување", заврши Зидан.