Нов тренер и "чистка" меѓу играчите
НОВИОТ ПРЕТСЕТАДЕЛ НА РЕАЛ МАДРИД, ФЕРНАНДО МАРТИН, СО АМБИЦИОЗНИ ПЛАНОВИ ЗА ИДНАТА СЕЗОНА
Реал Мадрид ја продолжувата ерата по владеењето на Флорентино Перез, ера во која главниот збор (барем до следните избори во 2008) ќе го има Фернандо Мартин. Новиот претседател официјално ќе биде промовиран на 8 март (по реванш средбата со Арсенал во Лигата на шампиони), но идеите во кој правец ќе се движи клубот уште сега почнаа да циркулираат. Меѓу првите задачи на Мартин се верува дека ќе биде да го најде вистинскиот тренер за "кралевите", откако Хуан Лопез Каро не убеди дека ги поседува вистинските квалитети за оваа функција. Се споменува дека на Сантијаго Бернабе би можел да се врати последниот тренер со кој освојуваа титули Висенте Дел Боске, кој беше во лоши односи со Перез, но не и со Мартин, кој важи за негов близок пријател. Во комбинација се и прославени тренери како Рафа Бенитез, Хозе Мурињо, Марчело Липи, Фабио Капело и Карло Анчелоти.
Воедно е најавено дека Мартин на крајот од сезоната ќе направи и голема "чистка " меѓу фудбалерите, а дел од оние кои ќе си заминат ќе бидат супер ѕвездите за кои Перез потроши огромна сума пари. Засега најголеми фаворити идната сезона да не останат на Сантијаго Бернабе се Зинедин Зидан, Роберто Карлос, Антонио Касано, Мичел Салгадо и Роналдо. Нив би требало да им се приклучат Џонатан Вудгејт, Иван Елгера, Томас Гравесен и Пабло Гарсија. Во листата на заминување се и фудбалерите од сопствената школа Раул Браво и Оскар Минанбрес, за кои исто така нема да има место во тимот идната сезона. Ваквата драстично прочистување во клубот значи дека Мартин ќе има голема работа во ангажирање нови фудбалери за идната сезона и тоа во сите линии од тимот.