Покрај историјата долга речиси 70 години и покрај сите успеси и триумфални моменти на зелениот терен, во минатото на Работнички се проткаени случувања и личности кои вредат многу повеќе од било кој подигнат фудбалски трофеј. Далеку од стадионите, далеку од фудбалските дуели и битки, некои членови на Работнички воделе една друга, многу повозвишена битка. Битка од која излегле како победници и која ни дава право и повод да бидеме горди на нешто на што ниту едни други навивачи во нашата земја не можат да бидат.
Приказната започнува во далечната 1937. година, во предвечерјето на втората светска војна кога македонскиот народ, а особено работничката класа се буди и почнува да се бунтува против трулиот, неправеден и пред се експлоататорски систем на Кралството СХС. Легендарното Дебар Маало било центар на работничкото и револуционерното движење на младите скопјани, а еден од многуте начини на кои тие му се спротиставувале на режимот и ја искажувале својата револуционерна определеност било и формирањето на Фудбалскиот Клуб Работнички.
Главен иницијатор за формирање на фудбалски клуб бил легендарниот револуционер Дане Крапчев кој во тоа време живеел во Дебар Маало. Тој буквално ги "навлекол" луѓето на оваа идеја па формирањето на клубот долго време била главната тема за дискусија низ градот. Дане го предложил и името Работнички како и црвената боја - две нешта кои не одат едно без друго и кои веднаш станале омилени меѓу скопјани. Основачкото собрание на клубот се одржало во кафеаната на Трајко Георгиевски - Ќорот во присуство на повеќе од шеесет љубители на фудбалот од Дебар Маало. За прв претседател на клубот бил избран Ацо Танев, а за секретар Дане Крапчев но поради неговите револуционерни активности и опасноста од полицијата која постојано го следела неговото име никаде не било запишано. Покрај Танев и Крапчев за основачи на Ф.К. Работнички се сметаат и Благоја Јовановски и Дамјан Жантев.
И покрај аматеризмот и младоста на екипата таа набрзо почнала да бележи резултати. По две сезони Работнички триумфално влегол во најсилната лига на Скопје, но тоа натпреварување не го доживеало својот крај поради почетокот на втората светска војна. Овој период е еден од најславните во историјата на Работнички бидејќи речиси сите луѓе кои нешто значеле во клубот од управата па до фудбалерите биле на боиштата храбро борејќи се за слободата на татковината, а 14-мина од нив дури и ги дале своите животи за оваа цел. За тоа време клубот своите натпревари ги играл со втората екипа но и покрај ваквите услови бележел сосема солидни резултати, најчесто завршувајќи меѓу првите три екипи. Сепак, треба да се напомене дека на фашистичкиот окупатор не му одговарале ниту името, ниту боите на клубот па Работнички во овој период официјално бил именуван како Ф.К. Свобода, а на фудбалерите често им било забранувано да настапат во традиционалните црвени дресови. Биле воспоставени и контакти со други револуционерни клубови низ Југославија како на пример: Вележ Мостар, Раднички Белград, Борац Бања Лука и други. По ослободувањето Работнички се соземал од тешките години, застанал на здрави нозе и почнал да бележи резултати кои со златни букви ќе останат запишани во неговата историја, но и во историјата на македонскиот фудбал. Во текот на првите неколку години по завршувањето на војната полека се создавала екипа за иднината, а кулминацијата се случила во 1951. година кога Работнички заедно со Вардар како првопласирани во втората лига за прв пат се нашле во најсилната фудбалска лига на Југославија! Да се биде убедливо подобар од екипи како Олимпија Љубљана, Раднички Белград, Вележ Мостар, Челик Зеница, Железничар Сараево итн. и да се влезе во тогашната прва лига на Југославија е дострел рамен на денешно влегување во европската Лига на Шампиони! Запаметено е огромно славје во Скопје меѓу многубројните навивачи на клубот. Сепак, Работнички не постигнал позначајни успеси во првата лига но нејзин учесник бил уште една сезона. Интересен е и куриозитетот кој вели дека првата (и веројатно единствена) македонска спортска комедија "2:1" напишана од Васил Иљоски е посветена на една прволигашка победа на Работнички над градскиот ривал Вардар. До распадот на СФРЈ клубот најчесто играл во втората југословенска и во првата македонска фудбалска лига.
По распадот на Југославија и осамостојувањето на нашата земја за Работнички настапи тежок период кога клубот беше доведен речиси на просјачки стап и настапуваше во втората лига. Ваквата состојба траеше се до половината на 90-ите кога како спонзор во клубот влезе финансиски моќната корпорација Кометал, а Работнички беше преименуван во Работнички Кометал. Со одличната финансиска поткрепа од силниот спонзор и со доаѓањето на квалитетни играчи Работнички експресно се врати таму каде што припаѓа - во најквалитетното друштво. Уште во втората сезона меѓу најдобрите (1999/2000) Работнички постигна голем успех. Под водство на Мирсад Јонуз беше освоено третото место во шампионатот и клубот за прв пат во својата историја излезе во фудбалска европа и тоа во УЕФА Купот. Противник ни беше украинската Ворксла Полтава но на овој двомеч фудбалерите не се прославија и на двата натпревари загубија со 2:0. Некои позначајни резултати на европска сцена од таа екипа и не можеа да се очекуваат со оглед на тоа што повеќето играчи за прв пат играа меѓународни натпревари.
Пет години подоцна, во сезоната 2004/2005 Работнички се искачи уште две скалила погоре, на убедлив начин го освои првото место и за прв пат во самостојна Република Македонија се закити со шампионската титула! На овој начин за прв пат во својата историја Работнички се здоби со право да учествува во квалификациите за најквалитетното европско фудбалско натпреварување - Лигата на Шампионите. Прва пречка беше вечниот летонски шампион Сконто од Рига. Во Скопје Работнички ги декласираше Летонците со високи 6:0 што е воедно и највисока победа на еден македонски клуб во европските купови, а во Рига загуби минимално со 1:0. Сконто беше елиминиран, а името Работнички одекна гласно во фудбалска Европа! Во второто коло пред Работнички се испречи рускиот гигант Локомотив од Москва и само малку среќа го делеше Работнички од подвиг и пласман во третото коло. Во Скопје натпреварот заврши нерешено 1:1 со гол примен во последната минута, а во Москва при резултат 0:0 на само дваесетина минути до крајот на мечот Работнички промаши пенал за потоа да прими два гола и несреќно да биде елиминиран од ова натпреварување. Сепак, едно фантастично искуство е зад овој клуб и неговите навивачи па ни останува да се надеваме дека многу наскоро со заеднички сили ќе се избориме за уште поголеми успеси во домашните и европските натпреварувања!