И поп во раководството на новиот фудбалски клуб во Прилеп
Печати |
Прати ја страницата |
Врати се назад Формиран е новиот фудбалски клуб во Прилеп, под името Пела 10. Претседател на управниот одбор е Василе Соколоски, поранешен прв човек на Победа, а во најтесното раководство е православниот свештеник Благоја Илиоски. Тој го благослови почетокот пред присутните поддржувачи и симпатизери
- Не сум многу упатен во фудбалот. Сакам да помогнам, оти спортот придонесува во физичкото и за духовното здравје на нашиот народ. Верувам во клубот. Со претседателот Соколоски одамна соработуваме. Каде сме биле, секаде сме успеале - рече попот Илиоски.
Клубот забрзано се подготвува за дебитантската сезона. Признаени економисти ја подготвуваат финансиската програма. Обезбедено е игралиште од некогашниот ФК Металец, се преговара со играчи. Најверојатно наесен ќе стартува од општинската Б-лига на ОФС Прилеп. Амбициите се големи.
- Целта е да напредуваме од година на година. Сакаме да привлекуваме публика, како во старите добри времиња. Бесмислено е без публика да се игра фудбал. Само ако го постигнеме тоа, ќе го сметам за успех на клубот - истакна Соколоски.
На првиот клупски собир меѓу дваесетина присутни не беа поранешните фудбалски легенди, членови на иницијативниот одбор, Јове Магдески, Илија Најдоски, Благој Истатов, но тие го поддржале формирањето. Автор: З.И.