Екипата на Пелистер по поразот на свој терен од екипата на Силекс во саботата е поблиску до Втората фудбалска лига, а како да се спречи да не се случи тоа никој не знае.
Незадоволни од тоа како Управата на клубот го води Пелистер, по неколку преговарања со претседателот на клубот Ванчо Атанасов, тие се одлучија за најболниот начин за решавање на проблемот.
-Разговаравме неколку пати со Ванчо Атанасов, а од она што тој ни го вети и не убедуваше дека ќе се направи нема ништо. Вети дека нема да продаде ниеден фудбалер пет години, а ги продаде сите. Вети нови фудбалери, а не само што не дојдоа новите фудбалери, туку од коло во коло си заминува и по некој од тимот. Замина Илиев, заминаа Србите, а во тимот останаа да играат младинците, велат “Чкембарите“.
Тие ќе организираат ново собрание на Пелистер, но не знаат како понатаму.
-Ванчо Атанасов мора да си оди и мислиме дека нема повеќе да дојде во Битола, а ако дојде со кое лице ќе се појави не само пред нас, туку и пред битолчани. Ние имаме најава од луѓето кои се во Собранието, а гласаа за Атанасов дека се подготвени да гласаат за негово заминување. Не знаеме како понатаму, но ќе оставиме неколку дена да се јават сите заинтересирани со конкретни понуди за тоа како понатаму. Ќе биде тешко да се спаси Пелистер од испаѓање од Лигата, рекоа навивачите, од кои произлезе иницијативата за промена на Управата под Тумбекафе.
Како ќе се продолжи понатаму во време кога финансиската состојба е лоша не се знае. “Чкембарите“ пред некоја година го презедоа ракометниот клуб “Пелистер“, но и ден денес мака мачат да најдат спонзор кој би вложил во клубот и работата да тргне на подобро, односно да не борат само за одржување во лига-натпреварите.
По прекинот поради влегувањето на навивачите на теренот, судијата побара да се испразне трибината, а по прекинот од половина час, натпреварот сепак продолжи.
Инаку, саботниот пораз од директниот конкурент, 27-минутниот прекин, двата црвени картони и Управата пред заминување, само најавуваат дека на Пелистер оваа сезона му нема спас.