Никој не знае што му е на Роналдо
Потпретседателот на Милан, Адриано Галијани, потенцираше дека сe уште не се знае кога Роналдо ќе се врати на теренот по повредата. Речиси сите во клубот се исплашени дека тоа нема да се случи брзо затоа што Бразилецот сe уште не е комплетно заздравен иако прогнозите беа дека ќе биде во тимот на стартот од новата сезона во Серија "А". Роналдо почувствувал болка во левиот бутен мускул на забавата со навивачите на Милан одржана на 31 јули организирана по повод успешната сезона на тимот и освоената титула во Лигата на шампионите. На неа Феноменот се појави со неколку килограми помалку и во најдобра физичка форма во последните неколку години. Но, природата на повредата што го одвои толку долго од теренот сe уште не е позната, па лекарскиот тим на Милан прави сe во најскоро време таа да биде откриена и санирана колку е можно побрзо.
"Со него ништо не се случило, а сепак чувствува болки во ногата. Затоа, сe додека не бидеме комплетно сигурни дека е заздравен, тој нема да игра натпревари за нашата екипа. Тоа е изјава на лекарскиот тим и затоа не можам со сигурност да кажам кога Роналдо ќе се врати на фудбалот", рече Галијани за италијанските медиуми.
Изјавата на потпретседателот на "росонерите" дојде само неколку дена откако Анчелоти инсистираше дека ќе го има Роналдо на 16 септември кога Милан се среќава со Сиена во првото коло по паузата заради квалификациски натпревари