Каризо од јануари во Лацио
Во јануарскиот преоден рок Лацио, најверојатно, ќе го реши проблемот околу голманската позиција во екипата. Според италијанските медиуми, римскиот клуб веќе се договорил со чуварот на мрежата на Ривер Плата, Хуан Пабло Каризо, кој требаше да дојде на Олимпико уште летово, но заради проблемите со издавањето италијански пасош, тоа не се случи.
"Во јануари нема да има никакви проблеми, всушност уверен сум дека папирологијата ќе биде средена во следните неколку дена", потврди оперативецот на Лацио, Џанмикеле Џентиле.
Каризо имаше опција да го засили Лацио во летниот преоден рок, меѓутоа проблемите настанаа заради бројот на неевропски фудбалери во тимот. Потоа клубот се обиде со издавање италијански пасош бидејќи Каризо тврди дека неговите корени се од оваа земја, но процедурата не беше извршена на време и 23-годишниот голман се врати во Буенос Аирес.
Во меѓувреме Лацио ја почна сезоната со ветеранот Балота на голот, но и натаму се работи на ангажирање нов голман до доаѓањето на Каризо. Во игра за трансфер беше и аргентинскиот репрезентативец Абонданзиери, кој во моментов е член на Гетафе, но и таа можност пропадна.