Пандев мора итно во Рим!
Горан Пандев ден пред вчерашниот меч со Норвешка во Осло доби повик од Лацио. Пораката гласи дека тој од Осло мора итно и што е можно најбрзо да се појави во Рим. Оваа вест доаѓа по најавите дека римскиот клуб и Интер се пред наоѓање заеднички договор за трансферот на фудбалерот на Македонија во редовите на шампионот на Италија.
Денеска Пандев ќе се појави во базата "Формело" каде неговиот Лацио се подготвува за саботниот дерби меч со Јувентус. Една од причините за итниот повик е проблемите со повреда на која се жали Зарате па оттука римјаните сега барат спас во "отпишаниот" Пандев.
Во текот на вчерашниот ден медиумите во Италија веќе го најавуваа трансферот на Пандев во Интер како веќе завршена работа.
"Интер ја направи грешката со Пандев уште пред 5 години кога не го задржа иако јас лично инсистирав тој да добие шанса", коментира за медиумите Вардели, тренерот на Пандев во Интер со кој го освоија младинскиот шампионат во Италија и го освоија силниот младински турнир во Виареџо.
"Пандев беше подобар од Мартинс и сега ќе беше прва ѕвезда на тимот. Неговото враќање во Интер е полн погодок. Тој би бил идеален во составот на Мурињо да игра зад Ето и Милито, кои се недопирливи", е анализата на Вардели.
Интер во Пандев гледа замена за Ето, кој на стартот на 2010 година ќе биде два месеци отсутен затоа што ќе игра за Камерун на Купот на Африка, а Лацио не може повторно да му каже "НЕ" на Морати, кој ќе плати 6.000.000 евра и ќе му го отстапи на римскиот клуб талентираниот Арнаутовиќ.
Извор: Македонски спорт