Одбројување за Вардар...
* Само два денa пред крајот на преодниот рок јасно е дека со актуелниот играчки кадар "црвено-црните" не ги очекува ништо друго освен гарантиран бараж, а потоа и тешка битка за опстанок во Првата лига
На претходното свое континуирано "осиромашување" од аспект на организација, финансии, структура..., најтрофејниот македонски клуб од актуелниот преоден рок останува и со комплетно сериозно разрушен професионален играчки кадар што само го води кон соочувањето, како никогаш досега во својата историја, со сопственото исчезнување од прволигашката карта.
На само два дена пред крајот на преодниот рок единствена вистина која протекува од Вардар е дека клубот остана без 12 првотимци од есенскиот дел, а притоа без ниту едно сериозно засилување, препуштен главно со младинскиот кадар низ пролетниот дел од сезоната да го бара патот за свој опстанок во Првата лига. Факт е дека одбројувањето за Вардар од многу поодамна е почнато, меѓутоа овој пат дополнето и околу играчкиот кадар... Само два дена се останати за "црвено-црниот" табор до официјалниот крај на преодниот рок, 15 февруари, во обидот да дополни дел од "празнините" во составот. Затоа што во спротивно, погледнувајќи ги новите играчки прегрупации во редовите на најголемите конкуренти за опстанок, Тетекс и Милано, јасно е дека со актуелниот играчки кадар "црвено-црните" не ги очекува ништо друго освен гарантиран бараж, а потоа и тешка битка за опстанок во Првата лига против мотивирани второлигаши од рангот на Брегалница Штип, Скопје или Напредок...
"Вардарците" по крајот на есенскиот дел се на 9. место, позицијата која води во баражот, и тоа пред с$ благодарение само на суспензијата и дисквалификацијата на Македонија ЃП и Слога Ј, затоа што во спротивно ќе беа длабоко во зоната за испаѓање од елитното друштво. Со десет бодови "црвено-црните" единствено се со седум бода предност пред сега комплетно нов, засилен состав, на Милано, а со седум односно девет бодови заостанување зад директните конкуренти за избегнувањето на баражот за опстанок, Тетекс и Победа. Факт е дека од актуелниот аспект невозможна мисија го очекува најтрофејниот клуб во "битката" за избегнување на баражот, доколку се разбира наредниве денови не следат драматични состојби, во очекување и на најавеното Собрание.
А, без разлика на целокупната ситуација, шефот на стручниот штаб, Ѓорѓи Тодоровски - Џони, не може да го истисне оптимизмот од редовите на својот тим.
"Свесни сме за ситуацијата во која се наоѓаме, меѓутоа ниту јас лично ниту кој било од оние кои останавме во спортскиот дел не сакаме да го оставиме клубот на цедило. Јас и претходно истакнав дека ќе бидам концентриран на добра подготовка на фудбалерите кои ги имаме на располагање. Друго и не ни преостанува. Јас верувам во овие фудбалери, во нивната младост и желба за докажување", истакнува Тодоровски.
Како што е познато, во Вардар од оние фудбалери кои имаа прволигашка минутажа изминатава есен останаа единствено младиот голман Гоце Гоцевски, па Златко Ристов, Дино Најдоски, Тони Џангаровски, Бојан Ѓоргиевски, Филип Спасески, Никола Трипуновски, Драган Јаковлевски и Александар Пандовски. Па, врз нив ќе биде "товарот" за одбрана на честа на некогашната македонска фудбалска гордост. На "црвено-црните" до 15 февруари ќе им биде неопходно, согласно Статутот и правилникот за регистрација на фудбалери, да пријават во ФФМ најмалку 12 фудбалери под професионален договор доколку сакаат да го продолжат натпреварувањето, меѓутоа факт е дека тоа ќе биде најмалиот проблем со оглад на тоа што ниту од ФФМ нема да дозволат губење на уште еден прволигаш од лигата, а посебно не оној најтрофејниот.
Единствени нови имиња во Вардар низ јануарскиот преоден рок засега се стоперот Никола Никанчевски од второлигашот Локомотива, како и Александар Стојановски. Согласно размислувањата од стручниот штаб, желба е доколку Македонија ЃП не се избори за враќање на прволигашкиот статус, преку жалбите до УЕФА и ФИФА, тогаш да бидат позајмени неколку фудбалери до јуни од редовите на "лавовите".
В.Булатовиќ
Во очекување на Собранието
Паралелно со крајот на преодниот рок "вардарците", согласно најавите од Иницијативниот одбор за спас, викендов или најдоцна до вторник го очекуваат одржувањето на Собранието на кое клубот од страна на двата колективни члена треба да биде отстапен на градот Скопје и Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. Иако неизвесно, како што истакнуваат "Комитите", с$ уште постојат шанси да биде реализирана таа варијанта како единствен спас за одржување на клубот до крајот на сезонава.
Од друга страна актуелниот претседател Драги Сетинов, за кого од Иницијативниот одбор најавуваат оставка заедно со нив, претходно најавуваше одржување на Собрание на 24 февруари со можност за доведување на од негова страна протежираниот спонзор, нашинецот со норвешко-австриски капитал Светислав Јакимовски, доколку ги добие на располагање оние 22 делегатски места кои припаѓаат на Одборот за спас.
Нејасно: Се продолжува со бојкотот или не?
Меѓу серијата нејаснотии кои се надвиснати над нашиот најтрофеен клуб секако е и онаа околу опстојувањето на одлуката за бојкот на домашното првенство. Вардар, како што е познато, поради револт од одлуката на ФФМ за издавање исписница за еден од најталентираните свои фудбалер, 17-годишниот Стефан Ристовски, не го одигра последниот есенски натпревар против Металург. Тогаш, раководителите на клубот најавија дека, во зависност од односот на ФФМ, ќе биде донесена дополнителната одлука дали во пролетниот дел ќе се продолжи со бојкотот.
Меѓутоа, засега околу ова прашање нема дефинитивен став од страна на Иницијативниот одбор со оглед и на тоа што нивните намери се за препуштање на клубот, па новите управители ќе мора да се соочуваат со таа одлука. Претседателот Сетинов, пак, нагласува дека ќе направи с$ што е во негова моќ Вардар да не го бојкотира продолжението од првенството.
Доколку "црвено-црните" не одиграат само уште еден натпревар, според Правилникот за натпревари на ФФМ, им следи исклучување од Првата лига и преселба во најнизок ранг натпревари.