Кога Јирген Клоп дава изјава за медиумите, скоро никогаш не е стереотипна „ќе дадеме се за да победиме“. Исклучок не беше ниту онаа синоќешната, кога тренерот на Борусија Дортмунд беше спореден со неговиот вечерашен ривал Арсен Венгер, најмногу поради директниот и офанзивен стил на игра што го практикуваат двајцата трофејни стручњаци. Прашањето беше сосема вообичаено, но истото не може да се каже и за одговорот на Клоп.
„Ако барате сличност меѓу нас, можам да кажам дека двајцата сме симпатични. Сепак, јас не можам со Венгер, тој знае да зборува на повеќе јазици, а згора на тоа пие вино, додека јас цело време сум на пиво“ – со насмевка прокоментира Клоп, релаксирајќи ја барем за момент атмосферата во пресрет на дуелот со големиот ривал во ЛШ.
Стручњакот на „милионерите“ веднаш потоа даде и сериозен одговор на прашањето, со кој потврди дека навистина има високо мислење за својот вечерашен ривал.
„Арсен Венгер е исклучителен тренер, кој има освоено многу трофеи во кариерата. Тој има сопствен стил, со кој го развива Арсенал како клуб. Искрено, многу, многу сум далеку за да бидам споредуван со Арсен, тој е неверојатен фудбалски стручњак“ – истакна Клоп.