ВО ТАБОРОТ НА БЕЛАСИЦА СИТЕ ПОГЛЕДИ СЕ СВРТЕНИ КОН НЕДЕЛНАТА ПРЕСМЕТКА СО СИЛЕКС
"Кенгурите" подготвуваат изненадување
* Нивен главен адут ќе биде искуството, кое нашиот млад состав ќе се обиде да го неутрализира, вели Мајл Цветковски
Фудбалерите на Беласица неуморно се подготвуват за претстојниот бараж за влез во Првата лига. По две сезони мнати во второлигашката конкуренција, на струмичани им се отвора патот кон Првата лига, но за да го остварат тоа ќе мора да ги одиграат најважните 90 минути во оваа сезона против искусниот тим на Силекс.
Под водство на тренерот Југослав Тренчовски "пеколните" тренинзи се реализираат беспрекорно, а што се однесува до тактиката, се подготвува изненадување против искусниот прволигаш од Кратово. Атмосферата е оптимистичка, а најголемиот товар на овој значаен меч ќе го понесат "Италијанците", односно фудбалерите кои беа дел на годинашното издание на големиот меѓународен турнир "Копа Карневале 2008".
" Се подготвуваме како и за секој натпревар. Знаеме дека пред себе ќе имаме квалитетен тим, но ако кратовци беа многу силни немаше да си дозволат да се најдат во овој бараж. Нивен главен адут ќе биде искуството кое нашиот млад состав ќе се обиде да го 'неутрализира'. Ние сме оптимисти и ќе сториме с$ да стигнеме до полн погодок. Што се однесува до традицијата за баражите, таа е на страната на Силекс, но ние сме подготвени да 'гинеме' до крај. Се игра еден натпревар на кој с$ е можно", истакна бедемот во одбраната на струмичани Мајкл Цветковски.
В. Фотиновски
Мини-подготовки во Дојран
Фудбалерите на Беласица до средбата со Силекс ќе се подготвуваат во нивната стара "база" СЦ "Истатов" во Дојран. Претседателот на клубот, Перо Мишовски, посакува прволигашка радост на Градски во Скопје и верува во младите фудбалери кои одлично се претставија на светскиот младински турнир во Италија.
"Посакувам фудбалерите да одиграат како против Чезена, а да постигнат резултат како против Малезина Индан", потенцираше Мишовски.
Инаку, против Чезена "кенгурите" ја одиграа најдобрата патија на турнирот, а Малезијците ги победија со 2:1. Во превод првиот човек на Беласица посакува победа.