ПРЕДИЛИНДЕНСКО ПОМИЛУВАЊЕ
Претседателот Ѓорге Иванов со објавените помилувања пред националниот празник 2 Август го достигна рекордот во бројот на помилувани лица. Со одлука на неговиот кабинет помилувани се 85 осуденици, од кои 19 целосно, а 66 делумно - со намалување на казната затвор.
Ваквата бројка на помилувани е повисока од ланската, но и од онаа од 2009 година. Но актуелниот претседател за овој Илинден не се победи само себеси. Иванов дал милост за повеќе осуденици отколку сите негови претходници: Бранко Црвенковски, Борис Трајковски и Киро Глигоров.
По предлог на комисијата за помилување, која функционира во рамки на претседателскиот кабинет, Иванов лани по повод 2 Август одлучи да помилува 59 осудени лица, а годината пред тоа 61. Тоа значи дека за три години владеење шефот на државава за Илинден помилувал вкупно 205 осуденици. Според податоците што може да се најдат во архивите на „Службен весник“, ова е најголем број затвореници што еден претседател ги ослободил од затворска казна во самостојна Македонија.
Рекордот на претходникот на Иванов, Црвенковски, изнесува 68 помилувани лица за Илинден во 2008 година, или вкупно 202 лица за време на петгодишниот мандат како шеф на државата.
Борис Трајковски, пак, бил поригорозен. За четирите години додека ја извршуваше функцијата претседател, за Илинден помилувал вкупно 75 осудени лица, што е помалку од тоа што Иванов помилува само за една година.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=811187497&id=9&setIzdanie=22345