Ова прашање е малку незгодно, пошто критериумите за успех ни се разнишани и изместени до максимум, и успехот го мериме по имотот стекнат или по присуството во јавноста.
Лесно е да се биде „успешен” кога сите предуслови се обезбедени. Кога зад тебе стои голема фирма или партија. Кога си го стекнал сето потребно образование. Кога си во состојба да ги наведеш медиумите да пишуваат и зборуваат за тебе.
Која е за мене успешна жена? Жената што го чува син ми преку ден, која со 6.000 денари што ги добива од нас и пензија од 3.000 успева да си го одржи целото семејство, секојпат да бидат нахранети, чисти и убаво облечени и никаква потреба да не им недостасува. Денес тоа е еден од поголемите успеси, верувајте.
Успешни се и децата без родители, што успеале да си најдат чесна работа и да се обезбедат откако биле фрлени на улица кога наполниле 18 години, кои се пробиваат без никаков грб или заштита, без да се зафатат за никаков криминал, шверц, дрога... И тоа е успех.
Успешни се нашите учесници на Специјалната Олимпијада што се вратија закитени со медали, кои ги победија нивните хендикепи.
Има уште многу примери на такви успеси, ама ние ги гледаме само оние кои ни ги сервираат во некое ток-шоу или жолтиот печат. Треба малку да си ги смениме критериумите за успех.