Иако веќе е пишувано за Петра, можеби не е на одмет да се наведат некои плус информации за неа.
Петра е напуштен древен град во денешен Јордан, кој се наоѓа на планинската долина на источниот дел во Види Араба, во која се преклопуваат патиштата кон Газа на запад, Бостра и Дамаск на север, Ејлат на Црвено Море и Персискиот залив од другата страна на пустината. На 6 декември 1985 Петра е вклучена во Списокот на светското културно и природно наследство на УНЕСКО и е прогласена за едно од новите седум светски чуда.
Историјата на градот најтесно е поврзана со Набатејците, но поради недостаток од пишани докази, таа може да се утврди само од фрагментите во Библијата и од грчки и римски извори. Според Библијата, областа на Петра е населена од Хоритите, но не е сигурно дали самиот град се споменува во Стариот Завет. Најстарите археолошкии остатоци од ископувањата датираат околу VI век пр.н.е. Иако е познато дека во антиката бил главен град на Набатејците, нема многу сознанија за тоа како бил нарекуван од Семитите. Во хелинистичкиот период бил познат под името „Петра“ (карпа).
Набатејците им се поклонувале на арапските богови и божици за време на предисламската ера, како и неколку нивни божествени кралеви. Душара бил примарниот машки бог придружуван од неговите три женски божества: Ал-Уза, Алат и Манат. Многу статуи врежани во карпата ги прикажуваат овие богови и божици. Новите докази укажуваат на тоа дека пошироката теологија на Едомитите и Набатејците имала силни врски со култот кон Земјата и Сонцето, кои често пати биле манифестирани во ориентацијата на истакнатите структури на Петра поврзани со рамноденицата и солстициумските изгрејсонце и зајдисонце.
Плиниј Постариот и некои други антички писатели ја идентификуваат Петра како главен град на Набатејското Кралство и центар на нивната трговија со каравани. Заграден и опкружен со високи карпи и навлажнуван од повеќегодишен прилив на вода, градот Петра не само што ги поседувал предностите на тврдина, туку и ги контролирал главните трговски патишта што минувале низ него до Газа на запад, до Босра и Дамаск на север, до Акаба на Црвеното Море и преку пустината, сè до Персискиот Залив.
Како дел од Источното Римското Царство, околу 630 година Петра била освоена од страна на муслиманите. За време на Ерусалимското Кралство она што останало од градот е заземено од кралот Балдуин (Болдвин) I, а под контрола на крстоносците останува сè до 1189 година.
Градот е познат по градбите изделкани во карпи. Благодарение на стратешки поволната положба, низ Петра поминувале караваните од југот на Арабија преку кои се пренесувала скапоцена роба: зачини и свила од Индија, слонова коска од Африка, бисери од Црвеното Море и темјан од Јужна Арабија.
Археолошките ископувања покажале дека е можно Набатејците да го контролирале водоснабдувањето што довело до пораст на моќта на овој пустински град, создавајќи вештачка оаза. Областа се карактеризирала со поплави, но археолошките докази покажуваат дека Набатејците вешто ги контролирале нив со употреба на брани, цистерни за вода и водоводни канали.
Во продолжение модерна реконструкција на градбите во Петра; „манастирот“ во Петра, со капители и високи столбови изработени во еклектичен стил; Мада'ин Салех, напуштен набатејски град во Саудиска Арабија кој од УНЕСКО бил назначен за светско наследство; Каср ал-Фарид, напуштениот набатејски дворец; гробниците во Петра, лоцирани во јужниот дел на градот; скулптурална претстава на Душара, врховното набатејско машко божество; приказ на трите најзначајни набатејски женски божества - Ал-Уза, Алат и Манат; две претстави на божицата Ал-Уза, која ја претставувала планетата Венера и кореспондирала со Иштар/Аштарт/Инана; статуа која доаѓа од набатејски храм кај Кирбет Танур, со приказ на Атаргатис, сириската божица која била патрон на вегетацијата и статуа на Венера Пудика/Пудентис („Срамежливата“) од Петра, каква што и кај нас е пронајдена во Скупи, како и кусо видео кое ја опишува улогата на жените во Петра.