Во Нови Сад уапсени двајца со полн автомобил експлозив за Франција
16. ДЕКЕМВРИ 2015 - 11:42 | МАКФАКС
Припадници на српската жандармерија синоќа околу 20 часот, уапсиле две лица, во чиј автомобил пронашле три килограми експлозив, неколку пушки и поголема количина муниција. Акцијата е спроведена по повеќемесечна оперативна работа.
Министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, изјави дека е пресечен голем синџир на шверц со оружје кон Франција, со апсењето на двајцата српски државјани во полициската акција.
„За време на апсењето во автомобилот запленивме два пушкомитралези, нешто повеќе од три килограми експлозив, два автомати и поголема количина муниција“, прецизира Стефановиќ.
Граѓаните на Нови Сад биле зачудени од џиповите на жардамеријата кои пресретнале црвен автомобил, а припадниците на оваа единица набрзо од него извлекле двајца надвор.
На фотографиите може да се види како двајца мажи лежат на сообраќајницата окружени со полицајци.
Според зборовите на сведоците, полициските сирени се слушале по целиот булевар, а полициската акција траела повеќе од половина час.