Ефтим ГаШев: НАШАТА КАУЗА
Демистификација на белите дамки
Намерата да ја изнесам на виделина сопствената вистина, вистина на еден од многуте обични актери во една историско-политичка драма, дури и од временска дистанца од половина век, колку и да се чини благородна, свесен сум, во исто време е и мошне опасна, зашто секој искажан збор и суд, покрај историчноста, судејќи за собитијата од тоа време, може да погоди некои од другите живи актери, оние кои беа на спротивната страна.
Колку и да се труди човек да говори објективни вистини, не може да избега од субјективните судови. Познат ми е тој ризик и таа предност, истовремено. Затоа, со нужна критичност и со нескромна самокритика, настојувам да не предизвикам чувство на омраза, одмазда и на реваншизам, а изнесените факти нека бидат едно сознание повеќе за демистификација на едно време исполнето со табу-теми, бели дамки, за коешто јавноста пројавува интерес.
Ниту суровите глад и студ, ниту физичкиот и психичкиот притисок и тормозење не се во состојба толку да го скршат човекот и неговата благородност, колку што узурпираната лична слобода го разорува човечкиот интегритет и идентитет. Опкружувањето со смртта и со оние чија основна преокупација е уништување на слободољубивоста и на родољубивоста, во човека го буди исконскиот инстинкт за одржување и за самоодбрана, што најчесто прераснува во желба за одмазда. Оваа констатација, за жал или за среќа, ја потврдува тезата дека луѓето не се раѓаат како злосторници, туку таквите се продукт на определени општествени, политички и на социјални околности. Настојувајќи своите субјективни доживувања и политички опсервации да ги опфатам во еден широкоаголен објектив, максимално ги потиснувам емоциите, за што поубедливо да ги обелоденам догматско-анахроните искривувања на човековите духовни, политички и економски вредности, што демократијата ја сведоа на најобична демагогија и на декадентна утопија.
Настојувам да се дистанцирам и од личната исклучителност, а својата личност да не ја исфрлам на преден план, како главен јунак на овој животен роман. Но, тоа нема да ме спречи нештата и настаните да ги именувам со вистинските имиња, без сентименталност, колку и да звучи болно, жестоко и засегливо. Настојувам критички да се изјаснам за побудите и за целите на поробувачите на човечката психа и мисла, за нетолерантноста кон спротивното мислење, за монструозните судски процеси, за масовната репресија, за историските фалсификати, за жестоката пресметка со родољупците. Заради консеквентност, морам јасно да се определам за нашето спротивставување не само кон владејачката олигархија, туку и за идејната борба, која ние, анатемисаните Македонци, ја водевме против големобугарските и големосрпските врховистички сили. Како автор, не претендирам на монографско-историска елаборација, туку автентичното искажување го засновам врз национално-политичка определба за државно-правно конституирање на Македонија како самостојна, обединета, суверена и демократска држава на македонскиот народ.
Колку ќе ја оправдам сопствената доверба кон една вистина и дали почнатата табу-тема ќе ја демистифицирам, во голема мера ќе зависи и од другите актери на оваа драма, независно од тоа кој на која страна од барикадите се наоѓал.
Во овој контекст, еве и неколку неминовни прашања: До кога црните шамии ќе бидат знак за препознавање на македонските мајки? До кога татковците со избраздените чела, од непребол, немо и со раскрвавени срца ќе ги погребуваат отепаните синови? До кога сестрите ќе ја завиваат својата младост во црно? До кога браќата ќе сонуваат за одмазда? До кога Македонецот ќе гние во зандани? До кога македонскиот синдром на самоуништување ќе биде нашиот симбол на нетрпеливост и на нетолеранција? До кога!…До кога!
(Продолжува)
ЕФТИМ ГАШЕВ: НАШАТА КАУЗА
Бунтовниците од „Бунт“
На Петтата конференција на КПЈ, одржана од 19 до 23 октомври 1940 година во Загреб, македонската делегација предводена од секретарот на ПК, Методија Шаторов-Шарло, беше прогласена како националистичка, поради тоа што делегацијата се спротивстави на кралскиот југословенски закон за колонизација на Македонија, за кој проект програмски се залагаше и КПЈ. За попластично да се илустрира атмосферата во кралска Југославија, во сегментот на дејствувањето на КПЈ и релацијата со Коминтерна по македонското прашање, ќе го наведеме цитатот од Историјата на Сојузот на комунистите на Југославија - (1985 година) : „Националната програма на КПЈ усвоена на Третата земска конференција (Белград, 1-4 јануари 1924 год.) потврдена на Петтиот конгрес на Коминтерната, одржан од 17 јуни до 8 јули 1924 год., но со една суштинска промена-правото на самоопределување на секој народ мора да дојде до израз во паролата „отцепување на поробените народи и создавање на одделни држави“... „Заклучено е, општата парола на КПЈ во врска со правото на самоопределување да мора да се изрази во форма на одделување на Хрватска, Словенија и на Македонија од Југославија и создавање на независни републики“ (стр. 98, 99). Во таква кошмарна политичка клима, македонскиот народ иако окупиран, не беше индолентен кон својата национална и политичка иднина. Но, и покрај националниот ентузијазам, не суштествуваше адекватна, сеопфатна програма на еден општонароден фронт за организирано спротивставување на окупаторот. И покрај сета трагедија, метафорично речено, на крајот од тунелот се наѕираше искрата на надежта, олицетворена во идејата на традиционалната ВМРО. Во индивидуални и групни размислувања се роди идејата за создавање на еден национално-политички пропаганден актив за ширење на идејата за македонската државност, а со самото тоа, борба против големосрпската и големобугарската асимилација. Така, една група скопски ентузијасти, национално македонски дефинирани, се определуваат за создавање на Македонското национално движење - „Бунт“. Тоа се случи на 30 мај 1938 година во Скопје, на иницијатива на Трајко Попов од село Раштак, скопско, и студентот Борислав Градишки од Скопје. „Бунт“ не беше класична политичка организација, туку нелегален национално-пропаганден актив, без формална хиерархиска поставеност. Програмата и целите се подразбираа и од самиот назив на движењето, во чии постулати беа вградени целите на централистичката ТМОРО, приспособени на политичко-економските услови на времето. Национално дефинирани како Македонци, активистите на „Бунт“ се спротивставуваа и на големобугарската кауза на ренегатот Ванчо Михајлов за самостојна Македонија, „држава на македонските Бугари“. Окупираните, Егејскиот, Пиринскиот и Малопреспанскиот дел од Македонија, „Бунт“ ги сметаше како составни делови на единствена Македонија. За илустрација на овие настани ќе се послужиме со искажувањата на Борислав Градишки, еден од основоположниците и идеолозите на „Бунт“. Тој се сеќава на имињата на некои од активистите од тоа време: Димче Недев, Никола и Борис Блажеви, Димче Жабев, Славе Начов, Славе Георгиев, Ѓорѓи Зафировски, Стојан Вуканов, Борис Пешев, Караџа Ристевски, Дончо Рибарски, Киро Стојанов, Тодор и Панче Андрееви, Киро Трајковски-Бавчански, Благоја и Коста Костови, Киро Мошо, Благоја Дилберов, Никола Попов, Трајко Попов, Ефтим Чешмеџиев, , браќата Крсто, Томе, Благоја и Круме Мирчевски, Киро Јорданов и други. Активот се ширеше низ Македонија, па еве и некои имиња од Штип: Ангел Анџакара, браќата Панови, Трајко Патраклиев, Небојша Митревски, Сотир Грне и други. Од Куманово: Благе Каранфилски, Темелко Тошевски, Бранко Димовски...
Борислав Градишки ќе напомене дека заедно со Трајко Попов имале контакти и разговори со познати скопски комунисти Цветан Димов, Орце Николов-Морнарот, Коце Стојановски-Металец, Боро Чушкар, Киро Црногорски, Панче Кондев и др. Се дејствуваше агитациски, ширејќи ја националната идеја, ползувајќи при тоа најразлични форми и методи; какви што беа селските слави, собори и панаѓури, семејните верски празници, каде пред доверливите пријатели се читаше и илегална револуционерна и патриотска поезија на македонски јазик (Б. Градишки, К. Трајковски-Бавчански, С. Таневски) . Истомислениците повремено се собираа на илегални средби каде што долго се дискутирало и оформувало неформалната програма. Се пишуваа куси летоци и растураа по маалските дворови, а позната е и политичката манифестација, кога пред скопскиот француски конзулат, при доаѓање на висок француски функционер, група од десетина активисти на „Бунт“ извикуваа: „Македонија! Македонија! Либерте! Либерте!“Лидерот на „Бунт“, Трајко Попов беше познат, почитуван и нограничено ценет по својата храброст, патриотизам и борбеност во целата скопска околија, како во скопските маала-Чаир, Крњево, Топаана. Истовремено, во тогашната јавност тој беше познат и како раководител, играорец и кореограф на најпознатата македонска играорна група „Раштак“, која со турнеите низ повеќе европски земји ги презентираше македонските песни и ора, како и богатството на фолклорот и носијата. Трајко Попов и Борислав Градишки беа мошне активни за време на предизборната кампања во 1938 година, експонирајќи се на страната на опозицијата, па во една акција се затворени во Ханриево (Ѓ. Петров) од скопската жандармерија и добро претепани.
(продолжува)