Malku off topic, no sepak interesno:
ЕКСПЕРТИТЕ ОЧЕКУВААТ ЦВРСТИ АРХЕОЛОШКИ ДОКАЗИ
Новите истражувања ќе го откријат потеклото на Струмица
Годинава ќе продолжат археолошките истражувања на локалитетите Цареви кули и Базилика, во Струмичко. Експертите очекуваат нови значајни откритија од поблиското и подалечното минато на овој, од културно-историски аспект, мошне богат регион. Ваквите претпоставки се темелат врз досегашните резултати, за кои ќе продолжат да се бараат поцврсти материјални докази.
Во минатото лето, на познатиот локалитет Цареви кули над Струмица, струмичките археолози открија археолошка ризница со растеглива старост - од праисториско време до средниот век. Според мислењето на некои археолози, тоа би можеле да бидат остатоци од античкиот град Астрајон, кој во писмените документи прв пат се споменува во 183 година пред нашата ера и е претходник на ранохристијанскиот Тивериопол и на денешната Струмица. Но, ваквите смели претпоставки допрва треба да бидат потврдени, можеби уште во почетокот на есента, кога ќе биде заокружен поголем дел од истражувањата.
Археолошките ископувања во стариот дел на градот, каде што под темелите на културно-верскиот споменик од турско време Орта-џамија беше откриена средновековна базилика од непроценливо значење, недвосмислено потврдуваат дека овој локалитет пред повеќе од два милениума бил култно место, а ваквата традиција продолжила и подоцна.
Покрај другото, тука се откриени шест фрагментарно сочувани мегарски чаши од хомеровски тип, кои се мошне ретки на овие простори и кои потекнуваат од третиот или од вториот век пред нашата ера.
На овој богат археолошки локалитет се откопани и антички монети од времето на последниот македонски цар Персеј, како и фрагменти од средновековен фрескоживопис од 12 и 13 век.
Годинава Заводот за заштита на спомениците на културата, природните реткости и Музеј во Струмица, значителен третман ќе и даде и на заштитата на старата градска архитектура, по која овој град некогаш бил надалеку познат. Со проектот, кој финансиски го поддржа Министерството за култура, годинава целосно ќе биде заштитена познатата куќа на Арсови, односно зградата на некогашната турска пошта во стариот дел на градот, во која по реставрацијата, ќе бидат сместени некои постојани изложбени постановки што сега се наоѓаат во зградата на Музејот.
http://www.dnevnik.com.mk/?pBroj=2792&stID=57545