Селмани бара гарантирана мултиетничност на Македонија
Партијата на Селмани внесе забуна меѓу пратениците бидејќи мултиетничноста на државата е гарантирана со Уставот. Дел од парламентарците сметаат дека со прифаќањето на овој амандман Македонија, во преговорите со јужниот сосед, самата ќе отвори уште едно поглавје кое досега не беше оспорувано
Освен гаранција дека нема да се проблематизира македонскиот национален и јазичен идентитет, да се гарантира и дека Македонија е мултиетничка држава. Овој амандман на Нова Демократија на Имер Селмани вчера беше причина за целодневни координации на пратеничките групи и во прашање беше доведено изгласувањето на државна стратегија за името и преговорите со Грција. Претходно НД отстапи од уште два поднесени амандмани. Партијата на Селмани внесе забуна меѓу пратениците бидејќи мултиетничноста на државата е гарантирана со Уставот. Дел од парламентарците сметаат дека со прифаќањето на овој амандман Македонија, во преговорите со јужниот сосед, самата ќе отвори уште едно поглавје кое досега не беше оспорувано.
Опозицијата пак претходно ги прифати четирите амандмани поднесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ во потегот на Нова Демократија гледа можност за смислено сценарио на Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и Имер Селмани.
-Иако беше предвидено стратегијата да биде изгласана без амандмани, сепак ги прифативме амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за да ги заштити националните државни интереси. Сепак, нови амандмани поднесе Нова Демократија, најпосакуваниот партнер на Груевски. Се поставува прашањето дали ова не е смислено сценарио за одолговлекување на спорот. Сега тој не може да вели дека опозицијата го кочи процесот, изјави координаторката на пратеничката група на СДСМ, Цветанка Иванова.
Подносителот на предлог-стратегијата Стојан Андов не го прифати амандманот на Селмани.Овој пак ги отфрли обвинувањата на социјал-демократите и рече дека доколку не биде прифатен амандманот,НД нема да гласа за стратегијата.
Роза Топузова-Каревска од ЛДП смета дека барањето на НД за гарантирана мултиетничност на државата е непотребно бидејќи тоа е гарантирано со потпишувањето на Рамковниот договор.
Социјалистичката партија поднесе па повлече амандман со кој бараше и референдумот да биде составен дел на стратегијата,а ДПА се изјасни дека Владата не треба одговорноста за нерешавањето на проблемот да ја префрла на другите.Павле Трајанов пак го обвини Андов дека со оваа стратегија ја руши преговарачката позиција на Македонија.
Претходно составен дел од стратегијата за името станаа амандманите на ВМРО-ДПМНЕ. Со нив владеачката партија бараше да биде прецизирано дека прифаќањето на меѓународните обврски од спогодбата со Грција било поддржано од сите состави на Владата и Собранието. Со оваа партијата сакаше да потенцира дека не била дел од парламентарниот состав од 1994 до 1998 година, кога СДСМ со апсолутно мнозинство ја изгласа спогодбата со Грција од која произлезе референцата ПЈРМ. ВМРО-ДПМНЕ исто така бара во точката 11 од стратегијата, формулацјата "било каков компромис околу името" да се замени со формулацијата "било какво решение за спорот". Партијата побара во стратегијата да не стои "разлики околу името" туку "овој спор". Едно од барањата беше и да се вметне дека решавањето на спорот со Грција ќе придонесе за градењето на меѓународните односи и меѓународната политика на нашата земја.
http://www.vecer.com.mk/default.asp?ItemID=84336340D747F44A9C7DB6C86F6586C8
Знаев дека вака ќе биде, чорба каша и политичко поентирање до бесвест...
Ние и стратегија...каков виц...па уште таа да важи за век и векова...