Каде ќе гледа Александар, кон Брисел или кон Пела
Поставувањето на споменикот на Александар Македонски на коњ на плоштадот „Македонија“ деновиве е топ-тема во јавноста. Се зборува дека неговото откривање треба да се очекува наскоро и дека ќе никне во самиот центар на скопскиот плоштад (во средишното зеленило традиционално резервирано за поставување на елката).
Се зборува и тоа дека споменикот ќе биде висок повеќе од 30 метри, односно повисок од познатата Ристиќева палата, дека се прави од бронза, дека покрај него ќе има и фонтана, а ќе биде и специјално осветлен, па дури и постојано озвучен, односно од него ќе се слуша пригодна музика, и тоа дека на него работи млада македонска вајарка, а неговото лиење ќе се одвива во Фиренца...
Но, сите овие информации се базираат само на чаршиските муабети. Од Општина Центар, во чии раце е изградбата на споменикот на Александар Македонски, и кои имаат обврска да не' информираат, се' уште се неми на прашањата поврзани за овој проект. Не кажуваат ниту каде и кој го изработува, ниту од каков материјал е, ниту колкава ќе биде неговата големина, ниту колку чини. Исто е и за резултатите од меѓународниот конкурс за идејно решение за овој споменик и фонтана кој Општина Центар го распиша лани.
Најмногу за ова реагираат скулпторите. Се прашуваат зошто целата оваа работа се' уште се држи во тајност. Зошто се' уште не се објавени имињата на членовите на жири-комисијата и, што е најважно, не се објавува името на победникот на конкурсот. Очигледно, Општина Центар извршува партиски директиви, па главата ја чува во чиновничка фиока.
Од Министерството за култура, исто така, велат дека немаат никакви информации за овој проект и дека, сепак, тоа е реализација на Општина Центар, која за тоа има задолжено посебна, стручна комисија.
Скулпторот Љубиша Камењаров е еден од многуте кој се прашува зошто се' уште нема официјални информации околу поставувањето на споменикот. „Дали е тоа што се зборува низ чаршијата, дека конкурсот за овој и за сите други споменици кои ќе се поставуваат е некоректен, не знам“, вели Камењаров, кој додава дека можеби сега поставувањето на споменикот на античкиот војсководец е погрешен момент поради односите со Грција, што е уште една можна причина за криењето на информациите поврзани со споменикот.
Она што ги загрижува експертите доколку споменикот на Александар Македонски се крене со големина од над 30 метри, е прашањето дали локацијата, односно земјиштето каде што тој ќе биде поставен, ќе ја издржи неговата габаритност. Ексградоначалникот на Скопје Ристо Пенов смета дека со најавите за поставување огромен споменик на Александар Македонски висок над 30 метри, тој дел од плоштадот ќе мора да се прекопа и статички да се подготви за тежината на споменикот. Тој истакнува дека идеи за поставување споменик на Александар Македонски во средишното зеленило на плоштадот „Македонија“ имало и порано.
„Во времето кога го спроведувавме конкурсот, комисијата имаше став дека на оваа локација не смее да се дозволи поставување споменик, фонтана или каков било друг објект со голема висина. Во средишниот дел од фонтаната беше предвидено да има обелиск, висок 8 метри, кој едвај помина, според критериумите на комисијата“, нагласува Пенов. Тој објаснува дека тогаш, по изборот на идејното решение на скулпторот Петар Хаџи Бошков и доајенот на македонското сликарство Димитар Кондовски, за изградба на фонтана, под плоштадот, поточно под зеленилото, биле направени и посебни простории, едната за базен со вода, а другата за електриката и пумпите за вода. „Проектот за фонтаната започна и да се реализира, но, за жал, не докрај“, вели Пенов. Во случај изградените елементи под зеленилото да мора да се отстранат за тежината на споменикот евентуално да не предизвика одредени нарушувања на почвата, дозвола ќе треба да издаде Општината Центар. Актуелниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, пак, неодамна реагираше за поставувањето споменик на Александар Македонски на плоштадот во Скопје и другите владини проекти, како што е црквата во центарот на Скопје.
Фрапантен е навистина податокот, доколку е точен, дека споменикот на Александар Македонски ќе биде висок повеќе од 30 метри. Тоа, всушност, е темата за која деновиве во чаршијата се полемизира. Уметниците особено зборуваат за чувствата, за тоа дека граѓаните покрај споменикот ќе бидат минијатурни, дека нема да можат одблизу да му се восхитуваат, особено не од аспект на уметничко дело, дека погледите ќе им запираат на нозете на Александар или на копитата на Букефал.
Ликовниот уметник Александар Станковски истакнува дека доколку постои можност да се изведе таков споменик, тоа би било навистина неверојатно и спектакуларно. Вели дека такво нешто и во времето на Микеланџело било тешко изводливо, а камоли сега, во време на плексиглас. „Ако е навистина тоа со 30 метри, треба да се честита. Не знам од какви материјали ќе биде направен, но ако е од бронза или мермер, тоа би било спектакуларно. Ретко се случуваат такви проблесоци во историјата на уметноста, ако воопшто станува збор за уметност“, вели Станковски.
Се разбира, а и можеби најмногу, поставувањето споменик на античкиот војсководец го допира и политичкото прашање, особено актуелното, врзано со спорот со Грција. Станковски вели дека ако овој проект се разгледува од тој аспект, секако дека ги допира односите со Грција. „Тоа посебно ме радува. Конечно, имаме свест за односите со Грција, малку самопочит. Ако сме Македонци, тогаш сме Македонци поради тоа што постоела Македонија во антиката и тоа не' обврзува да се однесуваме со посебна почит спрема корените на нашиот идентитет. А, тој веќе речиси култен однос кон исконското не може никој да го надгледува или да врши некакви корективи за нашето однесување“.
Со поставувањето на споменикот на Александар Македонски во таква големина, уште повеќе се засилува трендот за една политичка конјунктура која се потпира врз антиката. За тоа, можат да се слушнат и прашањата каде ќе биде свртен Александар Македонски, дали со погледот накај Брисел или, пак, накај плоштадот „Пела“.
За едни, ако Александар Македонски гледа накај Брисел, споменикот тогаш ќе може и да има некакво оправдување, но ако гледа накај Пела, неговото родно место, тогаш и нека не го прават. Зашто, каде ќе се движи тогаш политичката конјунктура? Каде ќе оди овој систем, ова општество? Дали ќе гледа наназад, ретроградно, или напред? Александар Станковски, пак, на шега вели дека е подобро да гледа накај Пела, зашто во време на економска криза, залудно би му бил свртен погледот кон Брисел. „Можеме на Брисел само да му го покажеме задникот на Александар“, низ смеа вели Станковски. (Т.И.)
Утрински Весник