Се подготвува промена на собранискиот деловник
Новиот Деловник на Собранието треба да ги отстрани сите недоречености кои дозволија конститутивната седница да трае четири месеци, а ВМРО-ДПМНЕ да настапува со 10 пратенички групи, избрани на една иста кандидатска листа.
Во нацрт текстот што го разгледаа пратеничките групи, се предлага конститутивната седница да ја закаже и со неа да претседава најстариот пратеник најдоцна 20 дена по изборите. Ваквото решение го исклучува претседателот на Собранието од претходниот состав. Инспирирано е од последните парламентарни избори, кога Трајко Вељаноски ја закажа и ја раводеше најдолгата конститутивна седница во нашата парламентарна историја. Првата седница ќе мора да се оконча во рок од 10 дена. Ќе биде неможно реплицирањето на пратеници од иста партија, бидејќи една партија или изборна коалиција ќе може да се организира само во една пратеничка група.
СДСМ и нејзините коалициски партнери предлагаат уште поригорозни решенија. Конститутивната седница да трае само два дена, а ниту еден закон да не смее да биде на дневен ред повеќе од три дена.
Во ДУИ велат дека е важно да се уреди употребата на европското знаменце. Размислуваат за ограничување на времетраењето на пленарната расправа, за да се оневозможи блокада на законите значајни за интеграциите.
ВМРО-ДПМНЕ исто така сака да се уреди употребата на европското знаменце, за да се избегне негова употреба за закони кои не се усогласување со европските, како во случајот со законот за јазиците. Бараат попрецизни критериуми за законите по скратена постапка и на законот за буџет, како и дефинирање на улогата на потпретседателите на Собранието.
Сите партии имаат идеи за подобрување на пратеничките прашања – опозицијата сака да го ограничи времетраењето на одговорите на министрите, а владеачките партии сакаат да го исполнат изборното ветување за тематски пратенички прашања еднаш неделно.
Партиите веќе им ги испратија своите забелешки на авторите на нацрт деловникот – европските експерти. Овој процес се одвива независно од иницијативата Жан Моне, која требаше да се реализира во јануари, па беше одложена за март поради несогласување од ВМРО ДПМНЕ. Можно е да се искористи доаѓањето на тројцата европратеници.