Со оглед на моето потполно непознавање на темата „земјоделие“, денешнава колумна ја отстапувам (бесплатно!) за експертиза што јас не ја поседувам, но ми е предочена, за да го свртам вниманието на пошироката политичка јавност којашто, инаку, баш ја заболе за земјоделието, ама, ете, мене можеби ќе ме прочита…
Имено, минатата недела министерот за земјоделие Љупчо Николовски одржа конференција за печат со – како што сум брифиран – неколку „катастрофални пораки“ за еден важен аспект од македонската земјоделска политика: прво, според изборниот кампањски принцип „ветено си е ветено“, министерот соопшти дека Владата ја зголемува субвенцијата за производство на тутун – ретроактивно, во 2018 за 2017 година (!?), коешто зголемување за лани ќе изнесува околу три милиони евра годинава (!?); и, второ, во истата таа прилика министерот соопшти дека (1) политиката на Владата е да се зголеми производството на тутун во земјата и, истовремено, (2) да се отпочне проект, финансиран од ЕУ, за преорентирање на тутунопроизводителите кон одгледување други земјоделски култури (?!).
Ако ви звучи глупаво, мора да е затоа што е навистина глупаво.
Сепак, до што имаше медиум во државава ја пофали прес-конференцијата на министерот и покрај оваа акутна нелогичност во елементарните нивоа на интелигенцијата.
Но, на страна изборната субвенциска коруптивна политика (модел што ВМРО-ДПМНЕ не само што го разви, туку со години и го спроведуваше до совршенство, за кое СДСМ сонува да го ископира!), како и математичката операција според која 2 + 2 може да биде 3 или 5. Од ваквата политика, всушност, ќе има и реални штети.
Имено, ми велат дека во Македонија има нешто што се нарекува Регистер на фарми каде се пријавени сите приматели на земјоделски субвенции. Од сите регистрирани 308.000 субвенционирани земјоделци, 25.000 се тутунопроизведители. Во просек, тутунарите добиваат по 1.100 евра годишно, а другиве само по (а најчесто и под) 200 евра годишно. Значи, не дека, во просек, не се јаде субвенционирана сарма, само некој од земјоделците повеќе брстат од листовите, а други чепкаат заби од месото.
Понатаму, ваквата политика, на среден рок, го стимулира земјоделското самоубивање. Кај нас, заради драстичната разлика во висината на субвенциите, земјоделците се пренасочуваат во производство на тутун, а во ЕУ сите земјоделски култури добиваат иста сума на субвенции, по хектар, со јасна намера да се намалува тутунопроизводството. Прашање: ние допрва земјоделски ќе се запишуваме или авансно ќе се отпишуваме од ЕУ? Следел ли некој што правеа Бугарите и Грците во оваа област, кои го произведуваат истиот тип на тутун како и ние?
Но, тоа не е сè – има уште лоши вести по ставовите на ова Министерство! Елем, глобалната индустрија за цигари – предводени од мултинационалните гиганти како „Филип Морис“, кои се главните купувачи на нашиот тутун – забрзано се вртат кон е-цигарите. Поентата со која се рекламира тој пронајдок е: Производ без тутун! Никотинот во тие е-цигари е синтетски, без тутуновиот катран и вдишувањето на
јаглен-моноксидот што ги убива пушачите. Според тоа, каква е логиката на овој страотно брз светски тренд – споредена со нашата политика на стимулирање пораст на производство на тутун?! Министре?
Всушност, како и во повеќе други сектори, Владата и во земјоделието настапува со застарени импровизации, со популистички, изборно-коруптивни идеи и планови, кои само ќе ја чинат државата милиони евра, без вистинска модернизација и напредок во земјоделието, а со цел СДСМ да ги задржи земјоделските гласови за следните избори. Простачки, како што тоа го правеше и Груевски.
СДСМ, очигледно, нема ни волја ни храброст за вистинска земјоделска земјишна реформа којашто, на среден и долг рок, ќе го оправат македонскиот, наводно, стратегиски сектор на земјоделието. Вака, најверојатно го испушивме!