http://www.plusinfo.mk/mislenje/3652/provereno-do-mart-grujo-u-kjorka
Сашо Орданоски
Додека го побарав копчето на далечинското на телевизорот за да го покачам тонот на вонредното обраќање на претседателот Иванов, обраќањето заврши! Така, останав скратен од можноста лично да дознаам што важно ни соопшти претседателот по повод најновиот развој на настаните во профункционираната правна држава во Македонија.
Фатив да вртам телефони по пријатели – аман, што кажа Хорхе, ќе има ли вонредна состојба?!
На еден жената му си го дувала носот, па додека издувала, и тој пропуштил да слушне за што било обраќањето, по што продолжиле да се расправаат за разводот… Друг ми вели дека син му му кажал оти на комшиката по скајп ѝ се јавила тетка ѝ од Мелбурн чијшто внук од Оукленд по вибер ја прашал дали е точно дека македонскиот претседател тукушто на граѓаните на телевизија им честитал Нова Година на 28 ноември?!… Се подзамислив. Можеби Хорхе извадил некој антички календар, па побрзал да ја соопшти радосната вест до нацијата?
Е, дури од „трета мајка“ еден пријател од ГРОМ, постојано мобилизиран и буден, ми вели дека во животот не слушнал пократко и поспектакуларно „пуштање низ вода“ на политичките истомисленици… „Како, бе?!“… „Па, така: за насилството одговорност морало да има, притисна казанчето и ојде целата тајфа на Грујо у канализација!… Со Стевчо џабе 15 минути мрзневме пред суд. Али, па, он малку и се навикнува на околината таму…“
Ајдеее… Евà, евà, евà.
Се вратив на телевизорот да видам што се случува пред судот… Грујо, откако задоцнил еден саат на протестот, со стомина околу него пие чај. Им објаснува дека морал да го каже она, ноќта по враќањето од Виена, по хаосот во Собранието, дека насилниците ќе мора да одговараат. Реклами. Грујо си заминал, чајот се оладил. Сендвичи јок. Знамиња јок. Нема, тоа е, државата пропадна.
За, колку-толку, да се спречи таа пропаст, протестантите ќе го блокираат сообраќајот во Скопје. Така, сите кои работат на пропаста нема да можат со коли да се движат низ градот за да го спроведат тој опасен план. Предавниците ќе мора пешки да ја пропаѓаат Македонија. Клевер.
Добро, сфаќам, се поапсија изведувачите и помагачите на обидот за државен удар од 27 април. Јас мислам дека до февруари, најдоцна март, ним ќе им се придружи и инспираторот. „Не, бе, Чавков е полицајчуга цел живот, нема да прозбори, ќе видиш“, анализира еден добро информиран пријател, комшија на полицаец од станицата во Ѓорче Петров, заради што, со право, во друштвото го сметаме за експерт за правни и безбедносни прашања. „Ќе скапе ако треба у затвор, ама Грујо нема да го предаде!“
Потоа барам еден пријател од реформистите во ВМРО и развиваме филозофска дебата: Ако мнозинството членови од Извршниот комитет на ДПМНЕ отиде во ќорка, дали одлуката за смена на Груевски од претседателската функција во партијата би била правно валидна? „Да – вели реформистов – бидејќи гласањето ќе се спроведе во Идризово, каде ИК ќе има кворум, со присуство на Грујо, таквата одлука ќе има извршна правна тежина!“
И, според долгата историја на македонските партиски преврати, доаѓаме до најсложеното реформско прашање: Кај кого ќе се партиските печати – кај оние во Идризово или скриени во некоја саксија во партискиот бел дворец?… „Нема врска, веќе изделкавме дупликати од компир, а и ние ќе го носиме решението во Централен регистер, Грујо ќе биде службено спречен!“
Бреееј, што ти е правна држава! Убавини.