Груевски не најде сили за реформа на СДБ, сега на потег е Заев.
Љубомир Данаилов Фрчкоски како министер за внатрешни работи од 1992 до 1995, во летниот период кога одмораше по напорната работа во одморалиштето на МВР во Охрид имаше необична навика да бара да му се доставуваат извештаи на тајната полиција за следење и прислушување по линијата на работа македонски екстремизам и на тој начин да се забавува на плажите во Охрид со читање на овие извештаи. За неупатените, линијата-македонски екстремизам во Службата за државна безбедност (СДБ) беше главно за третман на лица од идеолошки и политички причини заведени во некоја од формите на оперативна работа на СДБ.
Значи, СДБ следеше и прислушуваше неистомисленици и во демократска Македонија спротивно на Уставот напишан токму од Фрчкоски.
Како илустрација, во периодот од 1946 до 2006 кога почна процесот на лустрација во СДБ биле заведени околу 15.000 досиеја за политички и идеолошки неистомисленици, а внимавајте добро, речиси една третина од овие досиеја се заведени после 1991 година, значи во демократска Македонија.
Воведот е во контекст на најавените реформи на тајната полиција од страна на новата влада и најомилениот збор на премиерот Заев - дебата на поширока основа за концептот на СДБ. Еве, оваа колумна нека биде своевидна идеја за реформата во СДБ, се разбира, доколку најавата на Заев самата по себе не е само обична декларација, туку е конкретна заложба во посакуваната насока.
Веднаш да го реафирмирам мојот став за две концепции за реформи во УБК. Една е порадикална која опфаќа комплетно распуштање на анахроно организирана структуирана и високо партизирана УБК и во рок од еден месец комплетно екипирање со стручни и професионални кадри по претходно утврдени јасни критериуми. Постојните вработени нема да останат без работа, туку ќе се распоредат по секторите во МВР. И втората, поблага варијанта со менување на принципите и организираноста на УБК која сѐ уште работи на т.н. три нивоа, почнувајќи од месни заедници што беше карактеристично за други времиња кога требаше да се има увид во активностите на т.н. внатрешен непријател. Радува фактот што кај Груевски има расположение за реформи и во УБК и по победата, Народно движење за Македонија (НДМ беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2006) ќе достави целосен концепт за реформи во УБК со цел да се направи мала ефикасна и високо оперативна контраразузнавачка служба.
Победата на парламентарните избори на 5 јули 2006 дојде и Груевски стана премиер, меѓутоа, уште полошо помина мојот тогашен предлог за реформа во чија основа беше комплетно распуштање на анахроно организираната и високо партизирана СДБ и најпосле етаблирање на една мала, ефикасна и високо оперативна шпионска служба во интерес на безбедноста на државата, а не служба која ќе ги прислушува и следи политичките неистомисленици. Дури, Илија Китановски од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ кој во тоа време беше задолжен за контактите на ВМРО-ДПМНЕ со НДМ како коалициски партнер ми ја пренесе тогашната порака од Груевски дека како премиер не размислува за радикална реформа во системот на државната безбедност, заради што не било пожелно во јавноста да пласирам вакви гледишта за тајната полиција.
Со еден збор, во изминатите 11 години власта на ВМРО-ДПМНЕ налик на Фрчкоски не најде сила да одолее на искушението и леснотијата, со само една усна наредба да се дознае нешто повеќе за своите противници, кога пред себе гледате прекрасна оперативна техника, која ви дозволува само со едно притискање на копчето, и одбраната лојална структура за следење, да го направите тоа.
Затоа, во периодот што следеше како резултат на неприфаќањето на концептот на НДМ за СДБ како и повеќе други предлози, како на пример за лустрацијата која според концептот на НДМ требаше да биде брза, ефикасна и правична, а не селективна, перверзна и антицивилизациска, НДМ се заблагодари на коалициската соработка. Но, тоа е историја, и не е најбитно во моментот.
Сега заслужува внимание најавата на премиерот Заев за реформи во СДБ. После 11 години од моите предлози, сега сум уште повеќе на мислење дека е потребно целосно распуштање на тајната полиција на начин како што споменав погоре.
Понатаму, не е добро Заев во секоја прилика да се повикува на фамозниот извештај на Прибе, кој, небаре е врвен дострел на човештвото, бидејќи тоа е голема навреда за домашните познавачи на безбедносната проблематика од најмалку две причини: Прво, на домашен терен имаме безбедносни експерти кои на Заев во секој момент можат да му понудат солиден концепт за реформи во СДБ. Станува збор за лица-патриоти кои симболично за 1 денар би ја завршиле целата работа, за разлика од разноразните белосветски експерти од типот на Прибе кои ги изнагледавме во историјата на независна Македонија за сѐ и сешто за енормно високи парични хонорари, што во краен случај претставува и голема навреда за домашната памет.
Второ, препораката на Прибе во делот за УБК крие голема опасност по безбедноста и суверенитетот на земјата. Според Прибе, наместо УБК да ги контролира податоците од интерес на националната безбедност добиени со тајно следење на комуникации, тоа треба да го прави телекомуникациски оператор во земјата со странски газда. Значи, податоци од национален интерес да дојдат под контрола на странски центри со што се олеснува работата на играчите на „ѕверот“ во Македонија во обидот за завршен удар врз Македонија и Македонците. Препораката на Прибе УБК да нема директен пристап до техничката опрема која го отсликува комуникацискиот сигнал, односно, the proprietary switches да биде преместен од УБК во Телеком е прифатлива само доколку Телеком останеше барем со 51 отсто доминантна сопственост на Македонија и во тој случај домашни директори со целосна безбедносна подобност би ја имале контролата врз техничката опрема. Се разбира, никој не спори дека е потребно да се изнајдат механизми за спречување на злоупотребите од СДБ, меѓутоа, препораката на Прибе странски телекомуникациски оператор да има пристап во разузнавачките податоци од национален интерес, се целосно неприфатливи. За жал, иако во 2001 првично требаше да се продаде 49 отсто од капиталот на Телеком и на тој начин да остане во доминантна домашна сопственост, сепак, брзопотезното качување на провизијата од 20 на 50 милиони тогашни германски марки доведе до продажба на 51 отсто од капиталот на Телеком на странците, но, за ова во друга прилика.
Исто така, се покажа за македонски услови како проблематична и реформата на Фрчкоски од 1995 за одделување на разузнавањето од СДБ во посебна Агенција за разузнавање (АР), бидејќи наместо координација и соработка помеѓу овие две институции, УБК и АР се гледаат на нишан меѓу себе со прекумерен ривалитет, особено кога претседателот на државата, во чија надлежност е АР, и владата под чија надлежност е УБК, доаѓаат од различни политички опции. Можеби е добро да се размислува на повторно обединување на разузнавањето и контраразузнавањето.
Се разбира, сето погоре е само лично размислување, дотолку повеќе што не сум експерт за оваа проблематика, но, за среќа, на домашен терен имаме безбедносни експерти за реформирање на СДБ, па оттука, не ни се потребни никави прибевци.
Како и да е, Груевски не најде сили за реформа на СДБ, сега на потег е Заев.
Јанко Бачев
(Авторот е универзитетски професор и претседател на Народно движење за Македонија)