Катна гаража во барок ќе се гради спроти Музејот на Град Скопје
Министерството за транспорт и врски денеска објави оглас за продажба на градежно земјиште од 1.245 метри квадратни.на кое треба да биде изградена катна гаража.
Парцелата која ќе се продава е на паркингот пред кулите на улица Македонија спротив Музејот на Град Скопје во центарот на градот. Почетната цена изнесува 1.850 денари од метар квадратен, рокот за пријавување за учество на електронското јавно наддавање е 31-ви мај, а истото ќе се одржи на седми јуни.
Учесниците на јавното наддавање треба да достават и банкарска гаранција од 200.000 евра во денарска противвредност за сериозност на понудата, со која ќе се гарантира дека доколку понудувачот е избран за најповолен ќе ја уплати крајно постигнатата цена во предвидениот рок од 15 денови.
Изгледот на новиот паркинг простор е веќе дефиниран и ќе биде во барок стил, а оној кој ќе ја купи парцелата ќе има обврска да го изгради објект согласно веќе изготвеното идејно решение, наведуваат од Транспорт.
Министерството денеска објави оглас за продажба на земјиште за катна гараќа и во строгиот центар на Скопје предвидена со деталниот урбанистички план “Мал Ринг“.
Парцелата е со квадратура од 465 метри и ќе се продава по почетна цена од едно евро за квадрат. Условите за продажба на оваа парцела се исти како и за онаа спроти Музејот.