Нема истрага за Тоше Проески!
Шокантно: по несреќата во која загина Тоше Проески хрватските истражни органи не земале никакави изјави ниту од Ѓорѓи Ѓорѓевски кој го возел џипот Туарег, ниту од Љиљана Петровиќ, која била сопатник во возилото во кое загинал совозачот Тоше Проески! Хрватскиот истражен судија Стјепан Франиќ за Сител изјавува: Што е утврдено, утврдено е! А како е утврдено ако немало соодветна истражна постапка?!
Постапката околу утврдувањето на околностите под кои се случила сообраќајната несреќа на 16 октомври, околу 6 и 20 минути наутро кај Нова Градишка, стои во место.
Накусо, нема истрага за сообраќајката во која загина Тоше Проески!
Истрага е правен термин, институт кој подразбира примена на однапред утврдена низа постапки, прописи и процедури кои се применуваат за тоа дејствие, и навистина, да може да се нарече истрага, и да биде употребувано во соодветна судска постапка. Овде тоа го нема.
ВЕЧЕР ексклузивно, за прв пат, објавува што се случувало непосредно пред кобната сообраќајка и веднаш потоа од што, сосема јасно може да се види дека хрватските органи не спровеле истражни дејствија. Хрватска е добро организирана правна држава и вакви, подоцна опишани, пропусти едноставно не е можно да се случуваат без определена намера. А тоа зошто дејствијата не биле истражени, кој би можел да биде мотивот за пропустите, останува да се види допрва.
Несреќата се случува околу 6 и 20 наутро кај Нова Градишка.
Непосредно пред тоа, отприлика дваесетина минути, џипот застанал на бензинска пумпа. Возачот Ѓорѓи и менаџерката Љиљана Петровиќ излегуваат надвор додека се полни возилото со гориво, и пијат кафе. Тоше останува да спие на предното совозачко седиште во џипот. Седиштето е сосема легнато, бидејќи Тоше го болело коленото и нозете му биле исправени. По застојот од околу десетина минути за да се испие кафе, џипот продолжува понатаму.
Од бензинот кој е наточен постои фискална сметка, земена и ставена во џипот, од кој може да се утврди времето и причината на застанувањето, како и барање изјави од вработените на пумпата. Од тука може и да се добие претстава и колку бргу џипот возел до местото на сударот, бидејќи таму траги од кочење- нема.
Тоа не е направено од хрватските истражни органи.
Дваесетина минути по поаѓањето од бензинската пумпа се случува сударот.
Возачот не спие, затоа што Љиљана Петровиќ, а повремено и Тоше зборуваат меѓу себе. Возачот бил врзан со сигурносен појас. Тие дваесетина минути Љиљана Петровиќ дремела во полулежечка положба на задното седиште, зад возачот а Тоше лежел исправен на возачкото седиште. Во моментот на сударот возачот не кочел, бил наполно изненаден од развојот на настаните. Прегледноста била одлична. Според хрватските медиуми, а и според изјавата на хрватскиот истражен судија Стјепан Франиќ дадени истиот ден и утредента, возачот заспал и се набил, заринкал во камионот што возел пред него. Од тој силен удар џипот, според истрагата, се одбил и завршил во оградата лево од себе. Но, фактите покажуваат сосема поинакви настани!
Објавивме фотографија од камионот кој учествувал во сударот од која сосема јасно се гледа дека џипот воопшто не удрил во задниот дел од тој камион. А особено не дека се заринкал под него, и затоа толку бил уништен, а безбедносните перничиња не се отвориле. Камионот е сосема неоштетен од задната страна!
По објавувањето на овој шокантен податок во Вечер, Сител телевизија се јави кај истражниот судија Стјепан Франиќ кој одбива да ја коментира фотографијата објавена во Вечер, и ја дава следната изјава: Тоа што е утврдено, утврдено е. Се гледа дека камионот е удрен во неговиот заден дел, таму каде што е стоп светлото на браникот.
Да појасниме: џипот Туарег тежи празен над два тони, и се движел со брзина секако поголема од 120 километри на час. По сударот џипот е сплескан како згужвана лименка и најмалку половина од масата на возилото ја нема. Тоа, и физички, докажува дека имало страотно тежок удар врз џипот. Тој удар не е од неоштетениот камион. Тоа се гледа! Дали некој ќе поверува дека таква тежина, со таа брзина удира во камион, се сплескува до темел, а на камионот му оштетува заден лев жмигавец!
Удар на џипот во задниот дел на камионот немало! Недвосмислено немало бидејќи нема физички доказ за такво тврдење. Експертите за сообраќајки од осигурителните компании за ВЕЧЕР тврдат дека џипот веројатно возел во својата, брза лева лента, а дека камионот се занел и со делот на браникот го удрил отстрана, веројатно кај тркалото и предниот дел од вратата, и го фрлил лево каде се удрил во заштитната ограда. Тоа се потврдува и со фактот што вратата од страната на Тоше е откачена од џипот, и речиси неоштетена, а остатокот од целата таа страна е наполно згужвана и уништена. Тоа место, кај предното тркало, нема сензори за активирање воздушни перничиња.
Но, не е само тоа шокантното.
По несреќата, во бело комби телото на Тоше Проески се носи од капела кон хеликоптерот од Македонија, а повредените Ѓорѓи Ѓорѓевски и Љиљана Петровиќ се задржуваат во болницата во Нова Градишка. Љиљана Петровиќ, со помош на нивниот продуцент Аворс од Лондон успева да добие превоз назад за Македонија. И додека телото на Тоше, доцна ноќта, со воен хеликоптер го враќаат во Скопје, а потоа за Крушево, менаџерката Петровиќ се враќа во исто време со патничко возило директно за Крушево, во домот на Проески.
Тешко повредениот Ѓорѓи Ѓорѓевски останува уште неколку дена во болницата во Нова Градишка.
Хрватските медиуми, како на знак, почнуваат да пуштаат изјави на експерти, и на истрагата, дека возачот заспал. Удрил во камионот и затоа Тоше загинал. Го осудуваат Ѓорѓи Ѓорѓевски пред време. Дури има и изјави, дадени од пријатели на возачот Ѓорѓи за хрватските медиуми, во кои тој, наводно, жали што е воопшто жив и сакал да се самоубие. Секако, затоа што и самиот според тоа се чувствувал виновен. Патем, според неговите другари, возачот Ѓорѓи на ништо не се сеќавал.
Но, не било така. Не било така ни во извештајот на хрватскиот новинар на Нова ТВ кој дента во директното јавување пред полноќ вели дека никој не му дава изјава, но сепак ја цитира менаџерката Љиљана Петровиќ за која тврди дека му рекла како ништо не знае бидејќи спиела.
Со ова, хрватските медиуми се обидуваат сосема да ги дисквалификуваат изјавите на првите сведоци и учесници во настанот бидејќи тие, нели, не се сеќаваат. Но, постапката понатаму ќе покаже нешто друго. Без своја желба пријателите на Ѓорѓи кои дошле да го посетат, со своите изјави за хрватските медиуми стануваат соучесници во монтираната приказна.
А што се случува во меѓувреме?!
Никој, ама баш никој, од хрватската полиција, ниту од истражното одделение не зел изјава од возачот Ѓорѓи Ѓорѓевски, ниту од патникот во возилото Љиљана Петровиќ за целиот случај кој, патем, има смртни последици!
Накусо, Љиљана Петровиќ вечерта оди за Македонија, а Ѓорѓи после неколку дена се враќа назад. Пасошот му го носи извесен хрватски адвокат даден по службена должност. Нивни изјави за околностите под кои се случила сообраќајната несреќа со смртни последици - никој до ден-денес не им побарал.
И последен аматер препоставува, или знае, дека за сообраќајка, особено со смртни последици, прво и основно се снима и мери местото, и се земаат изјави од учесници и од сведоци. Е па, овде изјави - нема.
Иако никој нема дадено изјава 48 часа по несреќата, бродско-посавската полициска управа поднела кривична пријава до обвинителството против возачот на џипот Ѓорѓи Ѓорѓевски. Возачот, и покрај пријавата, да потсетиме, се враќа дома во Скопје без изјава дадена за случајот за кој му е поднесена кривична пријава.
Иако и камионот е учесник во сообраќајката, а само Судот може да утврди кој бил виновен, возачот на камионот со италијански регистрации е исто така пуштен да си оди од Хрватска.
Некој сака истрагата да биде јалова, нецелосна, уништена и неупотреблива пред Суд. Практично нема истрага, бидејќи ги нема сите процедури од истражна постапка.
Зошто?!
Утре во ВЕЧЕР ќе видиме детали од истражната документација, како и основани сомневања кои се можните мотиви за ваквата монтажа на случајот со загинувањето на Тоше Проески.
(Д.П.Л)
(ПРОДОЛЖУВА)
Поради тоа што случајот со Тоше добива други размери ќе замолам модераторите/администраторите да не ја бришат/затвораат темата. Ако може да се отклучи претходната и да се спои со оваа. BTW сепак стои автор зад овој текст (Андроник наведе дека нема автор во претходната) Авторот е истиот од претходната Драган Павлович - Латас
Фала