Радикалите ги освојуваат џамиите во Македонија
Четири џамии во Скопје веќе се под контрола на екстремисти, пишува „Сандеј тајмс“
Од нашиот дописник
Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Разни саудиски исламистички организации даваат многу пари за да ги финансираат муслиманите на Балканот, настојувајќи на тој начин да ја поттикнат омразата на тамошните исламски верници кон Западот, како и за да шират безредија во овој дел од Европа, пишува „Сандеј тајмс“.
Станува збор за стотици милиони фунти што, под закрила на хуманитарна помош, или на рака, им се даваат на балканските муслимани за да го зголемат отпорот кон надворешната политика што Западот ја води кон исламските земји, но и за да наоѓаат и обезбедуваат испраќање регрути за исламистичките борци во војната во Авганистан.
Лондонскиот неделник се повикува на изјави на неидентификувани македонски функционери што предупредиле дека исламскиот фундаментализам му се заканува на Балканот. Групи и организации, што се познати како вахабити и салафи, се финансираат од разни саудиски организации што веќе се навлезени во регионот на Балканот, затскривајќи се зад определбите и верувањата што ги застапуваат и бранат умерените муслимани. Ваквите фундаменталистички групации го финансираат градењето и дејствувањето на повеќе џамии и на „општествени“ центри. Често на муслиманските верници, членовите на екстремистичките групации им делат на локалните муслимани пари, во готово и на рака, во вредност од приближно 300 евра, за да ги придобијат за своето убедување.
Владини извори во Македонија му потврдиле на „Сандеј тајмс“ дека властите имаат под надзор 50 луѓе за кои велат дека се кандидати за да се вклучат во редовите на исламистичките борци во Авганистан. Македонските власти, кои на весникот му ги покажале доверливите документи со кои располагаат, потврдиле, исто така, дека го надгледуваат и работењето и однесувањето на неколку муслимански „хуманитарни и добротворни“ организации, објаснувајќи дека дел од нив се од Саудиска Арабија. За сите вакви групации се тврди дека се насочени да работат за ширење на екстремизот, но и за перење пари на разните меѓународни исламистички терористички групи и организации.
Раководителот на Исламската верска заедница во Македонија, Сулејман Реџепи, изјавил за лондонскиот неделник дека повеќето џамии изградени по балканските земји веќе се преземни од „радикалните групи“.
Според Реџепи, четири џамии во Скопје веќе не се под контрола на официјалната Исламска верска заедница во државата. „Новите имами тврдат дека се спонтано, од народот, поставени да ги водат џамиите“, вели првиот човек на Исламската верска заедница. Тој вели: „Таканаречените вахабити се целосно отуѓени од нашите (муслимански) традиции и од суштината на исламот што е познат како толерантна религија“. Во некои скопски џамии веќе се слушаат проповеди на радикални исламски свештеници за тоа дека откако Македонија има испратено 200 војници во Авганистан, а пред тоа и во војната во Ирак, се определила на страната на САД и на Велика Британија, кои се обвинуваат дека водат „крстоносна војна“ против исламот.
Во текот на проповедите, на верниците им се прикажуваат монтирани снимки од војните во Ирак и во Авганистан, како и во судирите на палестинските територии, за да се поттикне уште повеќе омразата кон западните држави и за да се потврди тезата дека цел Запад води „света“ војна против сите муслимани.
Македонската полиција, како што забележува лондонскиот неделник, го испитувала однесувањето и работењето на Бекир Халими, имам обучен во Сирија, кој раководи со хуманитарната организација „Бамиресија“, за да ја утврди вистината за сомневањето дека е поврзана со меѓународниот тероризам и со перењето пари, но нема најдено докази за таквото тврдење. Некои македонски организации, од своја страна, им забележуваат на Европската унија и на САД што, целосно насочени кон ситуацијата во БиХ и во Косово и во настојување да се стабилизираат тамошните околности, ги игнорираат предупредувањата на земјите од Балканот за заканата од фундаментализмот што постои во регионот.
Еден 35-годишен скопски муслиман, инаку таксист по професија, за весникот вели дека повеќе не оди во својата џамија, каде што досега одел на молитва, затоа што таа сега е „под контролата на екстремистите“. Тој открива дека во џамијата се зборува оти земјотресот на Хаити, во јануари годинава, всушност, е „божја казна за Западот“ поради неговото учество во војните во Авганистан и во Ирак.
Но, извесен Фатмир, што „Сандеј тајмс“ го опишува како поранешен диџеј, признал дека се префрлил кај салафите, дека е нивни приврзаник и верник, како и дека оттогаш ја натерал сопругата да носи нагиб и да оди забрадена. „Нашиот (ислам) е оној што му припаѓа на 21 век“, вели овој скопјанец за „Сандеј тајмс“, спротивставувајќи му се на тој начин на објаснувањето на раководителот на исламската верска заедница во Македонија. (Т.И.)