„Бебињата“ од Дебар Маало подготвени за Лацио
Најискусен во составот на Работнички, чија просечна старост е 21,7 години, е Димитрија Лазаревски (28), додека Дарко Велковски (16) ќе биде најмладиот член во почетниот состав против Лацио. „Бебињата“ на Работнички вечерва ќе имаат вистински испит на зрелоста во мечот против Лацио (просечна старост 29,5 години на можниот состав), од кој без разлика на конечниот исход, ќе излезат како победници со досега постигнатото и констатацијата дека ја претставуваат иднината на Работнички и на македонскиот фудбал.
Можни состави
Лацио: Маркети (28) - Конко (27), Биава (34), Дијаз (32), Раду (24) - Ледесма (28), Матузалем (31) - Хернанес (26), Маури (31), Сисе (30) - Роки (33).
Работнички: Димитриевски (17) - Тодоровски (26), Најдоски (19), Лазаревски (28), Глигоров (18) - Д. Велковски (16), Петровиќ (21), Вујчиќ (25), Настевски (20) - К. Велкоски (23), Маневски (26).
Влезниците за Работнички од 55 до 95 евра
Цената на влезниците за вечерашниот дуел на „Олимпико“ меѓу Лацио и Работнички се движат од 55 евра до 95 евра. Најевтините се однесуваат за трибините зад головите на римскиот фудбалски храм, најскапите, пак, за централните позиции на главните трибините. Билет за место по краевите на централните трибини чини 80 евра. Лацио пушти во продажба и ВИП-влезници за мечот со дебармаалци кои се движат од 99 евра до 147 евра.