Новата џамија за нова религиозна група
Од Утрински Весник
23 Август 2012

Новата џамија во прилепската насeлба Тризла ќе ја гради и користи новорегистрираната религиозна група Ехли суннет вел џемет, која ја сочинуваат исламски верници главно од ромската етничка заедница.
Таа дејствува независно од Исламската верска заедница и тврди дека има пет илјади верници.
ИВЗ реагира дека новиот објект не може да биде замена за опожарената Чарши-џамија, која не е обновена, и обвини дека прилепскиот градоначалник Марјан Ристески ги изманипулирал тамошните исламски верници. Градоначалникот Ристески вчера беше недостапен да го објасни својот став за одбивањето на ИВЗ Чарши-џамијата да стане споменик на културата и да не се користи за исламски верски обреди.
Сулејман Фејзулоски, претседател на новата религиозна група, вели дека џамијата е одговор на потребите на пет илјади муслимани во Прилеп, кои досега се клањаа во импровизирани објекти.
- Не сме против ИВЗ. Објектот се гради со донации од народот. Локалните власти ни излегоа во пресрет доделувајќи земјиште за градба. Детаљниот план доби виза и од Министерството за транспорт и врски - вели Фејзулоски по реакциите на ИВЗ.
Сами Јашароски, секретар, најавува дека џамијата ќе се именува според двајца бранители-Роми, кои загинаа на Kарпалак.
- Џамијата ќе го носи името на резервистите Веби Рушитоски и Ердован Шабаноски. Веќе имаме и оџа со соодветно средно училиште - вели Јашароски.
Тој смета дека реконструкцијата на опожарената Чарши-џамија во Прилеп треба да се направи според законските прописи и да се претвори во музеј. Наспроти ова е ставот на ИВЗ.
- Набрзо ќе видат дека се изманипулирани. Таа џамија никогаш нема да се изгради, туку се користи и за предизборните потреби на градоначалникот Ристески. Ние ја поздравуваме подготвеноста да се изгради нова џамија, но бараме да се исполни договорот со кој треба целосно да се обнови Чарши-џамијата, опожарена пред 11 години, за да се користи за молитви. Ова не може да биде замена - вели Абаз Ислами, портпарол на ИВЗ.
Според соопштението на ИВЗ, ниту една друга институција или невладина организација нема право да изгради џамија без согласност и присуство на ИВЗ. (Љ.М.-Б.Ѓ.)