Сакам да прашам во врска со отворање на фирма.
Сакам да отворам фирма е сега дали е подобро доеел или пак другото? планирам за почеток да бидат вработени 4 души. Е сега слушнав дека доколку некој отвори фирма под 29 год. дека од првата година не се плаќало придонеси доколку имаш вработено помлади од 29 год и постари од 50 год. е сега доколку има некој кој е повеќе запознаен со ова да ми објасни што и како оди...
Свесни сме дека за создавање на нови работни места и за развој и проширување на компаниите потребна Ви е соодветна поддршка. Со проектот “Македонија вработува”, таква поддршка Ви обезбедува државата преку директно учество во Вашите трошоци за работната сила. За да работите поуспешно, да го развиете Вашиот бизнис, да создадете можности за вработување на нови работници, овој проект Ви дава можност да бидете ослободени од плаќање на придонеси од задолжителното социјално осигурување и/или персонален данок на доход за нововработени работници. Секое ново отворено работно место за нас е значајно и се бориме за него.
Како работодавач од приватниот сектор можете да бидете корисник на овие поволности за вработување, доколку ги исполнувате следните услови:
- -невработеното лице кое сакате да го вработите да не било во последните две години вработено кај Вас;
- -да не сте го намалиле бројот на вработени лица сметано од 15 март 2015 година, до денот на вработувањето на нови работници, освен во случај на смрт или пензионирање. Доколку сте го зголемиле бројот на вработени лица, сметано од 15 март 2015 година до денот на вработувањето на нови работници, да не сте го намалиле вкупниот број на вработени лица до денот на вработувањето на новите работници.
- -да немате неисплатени плати, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци повеќе од два последователни месеца.
Невработеното лице кое сакате да го вработите потребно само еден ден да биде евидентирано во Агенцијата за вработување на Република Македонија како активен барател на работа, а вработувањето да биде на неопределено време со полно работно време. Притоа, можете да вработите работници од следните групи на невработени лица:
Прва група - Невработени лица до 35 години возраст, кои што претходно немале заснован работен однос, или пак биле вработени, но не во последните 3 месеци.
За вработување на овие лица ќе бидете ослободени од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и персонален данок на доход во траење од 3години (36 месеци), сметано од денот на вработувањето. Ослободувањето од плаќање персонален данок на доход е предвидено само при вработување на овие лица.
- Втора група - Невработени лица на возраст од 35-50 години, кои во последните 15 години биле најмалку 10 години невработени и најмалку 3 месеци пред вработувањето немале заснован работен однос.
- За вработување на овие лица ќе бидете ослободени од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување во траење од 5 години (60 месеци) од денот на вработувањето.
* При вработување на лица од првата и втората група, должни сте да го задржите лицето уште најмалку една година (12 месеци), по истекот на периодот за кој што сте ослободени од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување и персонален данок на доход.
Трета група - Невработени лица на возраст над 50 години.
Четврта група
- -Невработени лица кои се родители на 3 или повеќе лица и кои најмалку 3 месеци пред вработувањето немале заснован работен однос;
- -самохрани родители и членови на еднородителско семејство кои најмалку 3 месеци пред вработувањето немале заснован работен однос;
- -приматели на социјална парична помош;
- -деца без родители и родителска грижа;
- -жртви на семејно насилство;
- -инвалидно лице со утврдена инвалидност согласно Закон за вработување на инвалидни лица и лице со утврдена намалена работна способност или професионална неспособност за работа за 50% согласно прописите од пензиското и инвалидското осигурување;
- -професионални војници на кои им престанал работниот однос согласно Законот за служба во Армијата на Република Македонија;
- -родители на деца со пречки во развојот кои се корисници на посебен додаток најмалку 3 месеци пред вработувањето.
* При вработување на лица од трета и четврта група, ќе бидете ослободени од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување во траење од 5 години (60 месеци) од денот на вработувањето, без обврска да ги задржите дополнително.
Петта група - Невработени лица над 58 години, кои во последните 2 години немале заснован работен однос.
* При вработување на лица од оваа група, ќе бидете ослободени од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување до исполнување на условите за стекнување на правото на старосна пензија.
Ослободувањето од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход на месечна основа се однесува до просечна бруто плата за претходната година, објавена од Државниот завод за статистика. Доколку на лицето кое ќе го вработите во рамките на овој проект му исплаќате повисока плата од просечната бруто плата, како работодавач ќе ја платите само разликата за придонесите од задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход.
Сите дополнителни информации во врска со користењето на овие поволности при вработување можете да ги добиете во центарот за вработување, како и на веб страните
http://www.avrm.gov.mkи
http://www.mtsp.gov.mk.
Искрено се надеваме дека реализацијата на Проектот “Македонија вработува” ќе биде поддршка за Ваш поголем развој и промоција на Вашата компанија во Република Македонија.
Ви благодариме за вниманието и соработката
Агенција за вработување
на Република Македонија