Затоа што Драга Кајгана е збрка деновиве, а модераториве се претежно пијани
, па не знам кога ќе избришат да не го снема и мојов пост, па сакам да го зачувам и тука.
_______________________________________________________________________________________________________________
Од денес т.е за 3-4 часа почнувам со нова работа. Се чувствувам чудно пошто и ми се оди и не ми се оди.
Ми се оди пошто ми фалат пари и знам дека колку-толку ќе можам да си приуштам некои работи. Ми се оди затоа што тоа што ќе го работам не го знам до детал и ќе треба да го научам, а се што е поврзано со технологија радо го учам. Ми се оди затоа што цела фирма почнуваме од нула и сакам да бидам дел од нешто што го гледаш како (се надевам) ќе расте и се издига и се надевам ќе ви се допадне кога ќе дојде време да слушнете и видите за што станува збор, барем тие што сте во мојов регион. Ми се оди затоа што смените се убави и затоа што ќе работам со млади луѓе.
Не ми се оди затоа што ќе ми се скуси слободното време во кое толку уживав целата оваа година и кусур додека бев без работа, не ми се оди затоа што знам дека од утре времето морам да го планирам според нешто друго, а не претежно според моите желби како за овој период додека бев невработен.
Сакам да ја сумирам 2014-та на три дена пред крај на истата.
Ми почна убаво, не негирам. Бев во Љубљана на дочекот на 2014 и си поминав одлично. 10 дена кои ќе ги паметам, по добро, но и по нешто лошо. Убаво е да ја шеташ Љубљана во целата таа новогодишна магија, морам да истакнам дека градот, но и Словенија во целост ми се допаднаа премногу, сакам да се вратам таму кога ќе можам, штета што не отидов и до Загреб. Убаво е да си на Еразмус забави на кои не знаеш кој човек од која земја е, прилично интересно искуство за разлика од излегувањата во нашата земја. Убаво е да си на гости една вечер во студентски дом и во една соба собрани имаш (скоро) цела карта на Европа пред тебе - Турци, Полјаци, Чеси, Швеѓани, Словенци, Шпанци и тн, тн. Убаво е да сите да зборите на ист јазик и да се разбирате, страшно ме потсеќа на Ѕвездени Патеки и тој нивен универзален преведувач. Ме пофалија дека и англискиот ми е предобар.
Лошо е кога ќе се скараш неколку пати со девојката и знаеш, чувстувуваш, дека тука некаде, во некој нареден период, ќе прекинете. Уште полошо е тие караници да се одиграат во истиот период опишан погоре. Збунети чувства, измешани емоции. Така и биде. Не сум злопамтило (освен за некои лешпери тотално неповрзани со постов) и пошто знам дека ми го знае јузерот тука (но не знам дали уште доаѓа тука) и ако некогаш го прочиташ овој пост - ти посакувам се најдобро во животот.
>>>Fast forward неколку месеци.
Запознав девојка како гром од ведро небо. Убаво викаат дека љубовта не се бара, туку се случува како Тесеракт креиран од Нолан. Девојка која прави да чувствуваш дека претходниот ден си ја сакал и си се грижел за неа помалку отколку денес. Девојка која заслужува многу работи кои не можев да си ги дозволам и на себе и на неа поради причината наведена најгоре. Девојка со која ќе ја дочекам новата 2015 во која оставам се да тече како што треба, на било каков план. Знам дека ти не го читаш форумов, но ако случајно некогаш ми го прочиташ постов - Те сакам толку колку што мразам кога не сум со тебе.
2014-та беше година во која бев невработен, но е година во која се посветив повеќе на факултетот, па конечно дипломирав и еве, пред некој ден, си ја земав свечено и дипломата. Диплома за која се надевав дека ќе успеам многу порано да го кити моето име и презиме, но тоа е што е. На едно старо поштенско сандаче во влезот на мојата зграда пишува - Име Презиме инж. Тоа е (беше) мојот дедо, имењак. Сега и официјално ја наследувам титулата од него, но во сосема друга струка. Ми фалиш премногу, знам дека ќе беше горд на мене. Премногу е чудно на две футроли од оние цилиндричните за диплома да гледаш - Татко Ти, Дедо ти, Презиме и Јас, Татко ти, Презиме, сето тоа со обратен редослед на имињата
2014-та беше година во која ја дочекав и сестра ми како матурантка и како бруцош на факултет. Кога летна времето и сам не знам. Времето кога еднаш како бебе ја разбудив, а моите мораа да одат на работа, па ја шетав со количката низ станот едно добри половина час. Пошто ти сега нон-стоп киснеш на интернет може и ќе ми го прочиташ постов. ТЕ САКАМ НАЈВЕЌЕ, иако знам дека ретко ти го покажувам тоа.
П.С Предупреди ги машките во твојот живот, би загинал за тебе.
Oтприлика ова е на личен план. На сите најблиски и пријатели, а богами на вас од форумов во новата 2015 ви посакувам пред се среќа затоа што и тие од Титаник имаа љубов, здравје и пари, ама немаа среќа
На навивачки план во фудбалска смисла, освен поплавата против оние од Мадрид (која се случува еднаш во една деценија), супер сум задоволен од Баварците. Се надевам дека наредната ќелавкото ќе успее да го дигне трофејот среде Берлин, и тоа два пати (еднаш ЛШ, еднаш германски куп).
Светското помина така како што помина, за мене не беше воопшто изненадување на начинот на кој Германците доминираа. Освен можеби резултатот против Бразил, но за кој сум убеден дека да играа 10 пати - 10 пати ќе го јадеа стапот Бразилците, без разлика во која земја да се играше. Многу им беа настрвени Немциве, многу.
2015 нема Европско, ама затоа 2016 очекувам да ги спојат титулите, редно време е оваа генерација да освои тоа што заслужува.
На навивачки план во кошаркарска смисла, Лејкерси се очајни. Секоја чест за КБ24 и минувањето на Џордан, но смири се малце со шутевите царе, губат партии заради твоето форсирање.
Тоа би било како некоја сума-сумарум.
Се најубаво во 2015 на сите!