Нашиот најдобар пливач во маратонско пливање и трето пласиран на светската „Grand Prix“ листа, Евгениј Поп Ацев оставен сам на себе во обезбедувањето средства за настапите на маратоните ширум светот.
Спортист од меѓународна категорија според системот за вреднување на спортисти од страна на Агенцијата за млади и спорт, добитник на 13 ноемвриска награда на Град Скопје, вториот пливач од Македонија кој по возобновувањето на охрисдксиот пливачки маратон успеал да се закити со медал, завршувајќи како третопласиран на минатогодинешното издание на овој маратон, преку 100 пехари и 300 медали и одликувања....
Тоа се дел од достигнувањата на нашиот репрезентативец Евгениј Поп Ацев, чиј татко Сашо помалку на смеа вели дека за да ги добиете овие награди и признанија прво треба да отидете до таму каде што се одржува маратонот, а дури потоа да се борите за место на пиедестелот. Евгениј кого покрај останатите маратони од светската „Grand Prix“ серија и светскиот куп, ова лето го очекуваат и квалификации за ОИ во Лондон.
Но средствата кои се потрбни за да се издржи една сезона во таков ритам воопшто не се мали, а по се изгледа семејството Поп Ацеви е оставено само на себе во таа потрага и обезбедување на средства. По малку воздржано, по утринскиот тренинг на кафе муабет за Курир ги сподели своите досегашни искуства, но и проблемите на кои наидува во својата кариера.
-Сакам најнапред да им се заблагодарам на сите оние кои до сега на било каков начин ме помагаа, но сепак морам да ви признаам најискрено дека помалку ми е незгодно кога настапувам по маратоните ширум светот, како на пример сега во Аргентина (Розарио-Санта Фе-Виедма-Парана) и кога ги гледам како се облечени останатите натпреварувачи во опрема на која стои името на земјата од каде доаѓаат, а јас сепак морам да рекламирам фирми кои ме помагаат на еден или друг начин, но од друга страна немам друг избор.
Со Петар Стојчев од Бугарија имаме навистина одлична соработка и навистина многу ми помага, па ако ви кажам за споредба колку лични спонзори има тој и колку средства добива од државата во споредба со мене нема да ви се верува, а сепак тој е прв на ранг листата во „Grand Prix“, а јас сум трет. Јас навистина станав спортист од меѓународна категорија согласно вреднувањата од АМС и јас сум благодарен за тоа, но тоа го заслужив со своите настапи и сега очекувам таа стипендија да ми се обнови бидејќи и го подобрив својот претходен пласман од 6-то на 3-то место на светската ранг листа, но од друга страна пак е неверојатно да плаќам по 240 денари дневно за базен, а морам да тренирам секој ден, да не зборуваме за дополнителна исхрана и препарати кои се неопходни за и околу тренанжниот процес...
... Навистина помалку смешно звучи, но јас таа стипендија од АМС месечно ја трошам за карта за базен и паркинг пред базенот. Сепак, како и секој друг спортист јас сум оптимист дека ќе успееме да го решиме овој статус, да заокружиме еден буџет со кој јас ќе можам без проблем да настапувам и да немаме главоболки, посебно мојот татко, пред секој маратон како да обезбедиме средства за да учествуваме таму, а јас пак ќе потенцирам дека таму пливам како Македонец и ја претставувам Македонија и сум посебно горд на тоа.“
Инаку како што напомена и самиот Евгениј тој веќе ја започна својата „Grand Prix“ серија годинава од Аргентина и сега го очекува маратонот во Италија на 17-ти јуни (Капри-Неапол), потоа Канада (Сент Жен 26-28.07, Магог 05.08), Србија (Шабац 05.08), Македонија (Охрид 12.08), Кина (Хонг Конг 07.10) и можеби еден од најсилните годинава, веројатно и негова најголема желба, тоа се квалификациите за ОИ во Лондон кои ќе се одржат во Сетубал, Португалија на 10-ти јуни каде што во огромна конкуренција само 10 натпреварувачи ќе обезбедат пласман на летните олимписки игри во Лондон.
Извор: Курир.мк
Чисто ме интересира, дали и после читањето на текстов ќе паламудите кога државата ќе речи да награди некој спортист?