Анализа: Што ќе донесе посетата на Ескобар
Ако утрешната посета на заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар не успее да го убеди ВМРО-ДПМНЕ за спроведување на уставните измени, можни се и други тури на дипломатски мисии во Скопје кои би резултирале со предвремени парламентарни избори.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски за Сител вели дека за Вашингтон побрзо решение е убедување на сегашниот собраниски состав. Но, побавното решение за носење на уставните измени е САД да притисне за предвремени избори.
-Првата тура на посети, сепка, ќе биде насочена кон тоа да се обидат да обезбедат парламентарно мнозинство во сегашниот парламентарен состав. И мислам дека и лидерот на опозицијата го констатира тоа во последната негова изјава: „Светот ќе дојде да нè убедува, а ние сме цврсти“. И тоа не е некоја тајна дека САД се посветени на тоа. Така што, тоа треба да го очекуваме во оваа прва тура. Ако во првата тура не успеат да обезбедат 80 пратеници од сегашниот парламентарен состав, тогаш сите опции се на маса. Американската дипломатска политика е многу прагматична и ќе ги најде сите средства за да ја постигне својата цел, дури и некои средства кои се непријатни, вели Арсовски.
Но, пред околу еден месец, Европската Унија во Скопје прати неколку министри од повеќе држави-членки за да ја убедат опозицијата да ги поддржи уставните измени. Тие не вродија со плод. Но дали Вашингтон може да има поголемо влијание од Брисел?
-Јас сепак мислам дека влијанието на САД е посилно од влијанието на ЕУ. Бидеќи ЕУ имаат само морков, а САД имаат морков, а богами и стап. Тие имаат други механизми, санкции, црна листа, дополнителен меѓународен притисок. Така што, сепак, влијанието на Ескобар е поголемо одошто влијанието на европските претставници. Но може да се покаже дека и тоа не е доволно. Може опозицијата да остане на тој став, па да се оди на други креативни решенија, вели Арсовски.
Каков и да биде исходот од посетата на Ескобар, решение ќе се бара во Собранието. Џафери летните одмори ги прекинува на 5 септември за кога е закажана првата седница со 15 точки на дневен ред, меѓу кои и декларацијата по повод 120 годишнината од Илинденското востание, но не и уставните измени.