Македонците се пребројуваат, Албанците се надбројуваат
Дали Ахмети не ја испочитувал договорената трампа - хашките случаи за реален попис? Партиски извори велат дека причината поради која ВМРО-ДПМНЕ по пет години власт, во кои остро се спротивставуваше на политичко решение за хашките случаи, прифати амнестија е токму пребројувањето
Ахмети трча со паралелен попис
Пребројувањето на населението од ден на ден сé повеќе ги вжештува и меѓуетничката и политичката атмосфера во државата. Пописната комисија вчера јавно призна дека практично на терен се спроведуваат два паралелни пописи. Едниот е законски, и тоа главно се однесува на централна и на источна Македонија, каде што најголемата статистичка операција се одвива без проблеми, а попишувачките двојки успеваат да го пребројат главно македонското население. Вториот е оној што го спроведуваат попишувачките тимови во западна Македонија.
Тие, наместо законските обврски, главните инструкции ги добиваат од штабот на ДУИ и попишуваат албански граѓани по свој терк.
- Се соочуваме со едно лицемерство од албанскиот коалициски партнер. Декларативно, дури и Артан Груби на состанок во комисијата ни ветува дека на терен ќе бидат попишани само присутните граѓани, а потоа го слушаме како на своите членови им дава инструкции дека може да се попишува и со фотокопирани документи и граѓани што не се присутни повеќе од 12 месеци. Двојниот попис повеќе не е тајна. Шират невистини и ја извртуваат реалноста за состојбите на терен, иако пописот 2011 требаше да биде реална статистичка операција - вели член на Државната пописна комисија, инаку висок партиски функционер во ВМРО-ДПМНЕ.
Засега надлежните немаат информации како ќе заврши статистичката операција по вакви недоследности, но се надеваат дека до 15 октомври, кога пописот завршува, работите ќе си дојдат на свое место.
- Без разлика на сé, од динамиката на терен јасно е дека со попишувањето ќе се заврши до 15 октомври, како што предвидува законот. За недоследностите ќе има завршница деновиве - вели изворот од пописната комисија.
Како што информира портпаролот на пописната комисија, Кире Барбареев, последниот состанок на централното пописно тело траел цели осум часа. Албанските и македонските членови најмногу време потрошиле на инцидентите и на неправилностите што од терен ги јавувале пописните инструктори.
- Беше отворено дискутирано за сите инциденти од околината на Тетово и на Струга. Не донесовме заклучоци, но преовладува ставот на мнозинството членови оние што учествувале во инцидентите, независно дали тоа било по нивна вина или не, да бидат сменети. Во текот на денот членови на пописната комисија ќе ги посетат пописните реони во западна Македонија - вели Барбареев.
Тој информира дека се формирани 60 отсто од попишувачките тимови, а се очекува дека во наредните три дена ќе се стигне до 80 отсто.
Цело ДУИ е на попис
Според информации од терен, речиси целото членство на ДУИ по општинските разграноци во тетовскиот, кумановскиот, кичевскиот и струшкиот регион е ангажирано во пребројувањето. Партиските челници, како што ни откриваат реонски пописни инструктори, оделе паралелно со попишувачките двојки и проверувале дали се спроведувала директивата од Ахмети: да биде попишан секој Албанец поврзан на некој начин со Македонија - независно дали е присутен или отсутен и независно од тоа дали постојат оригинални или фотокопирани лични документи.
Во речиси цела западна Македонија, каде што доминира албанско население, се применуваат неколку тактики. Во градските средини Албанците првично ги одбиваа попишувачите со образложение дека чекаат информации од партијата за тоа како и кого да попишат. Таков е случајот со Кичево,Тетово, Арачиново, Сарај и со Куманово.
- Попишувачките двојки во неколку региони во градот Кичево вчера се вратија без да попишат ниту едно домаќинство. Ниту едно албанско семејство не прифатило да биде попишано. Образложението е дека немале целосни партиски инструкции како да го направат тоа - признава реонски инструктор во Кичево.
Вториот начин на саботирање на пописот е спроведување на партискиот налог од Ахмети и тоа најчесто се случува во селските средини. Информациите од терен се дека таму веќе се попишани десетици илјади граѓани. Со фотокопирани документи отсутни Албанци биле попишани во Шипковица, Мала Речица, Челопек, во околината на Дебар, Зајас, Липково и Ваксинце.
Третата тактика е преку одбивање на пописните материјали. Пребројувањето сé уште не е почнато во Струга. Таму попишувачите го подигнале пописниот материјал, па се откажале од функцијата. Сега одбиваат да им ги предадат пописниците на новите членови на пописните тела, откриваат извори од пописната комисија, поради што завчера настанал голем инцидент. Проблем сé уште постои и во Гостивар, каде што Руфи Османи тактизира со вработените во општинската администрација што се членови на пописно тело.
За разлика од западна Македонија, на другата територијата пописот се одвива сосема вообичено. Формирани се речиси 80 отсто од попишувачките тимови. Населението ги прифаќа попишувачите и со однапред подготвени документи одговара на пописните прашања. Не е регистриран ниту еден инцидент. Главниот проблем таму е неискуството на попишувачите, кои често грешат во пополнувањето на податоците, па мораат да прават одредени поправки.
Ахмети ја откажа трампата со Груевски
Засега, иако е очигледно дека пописот зависи од судбината на коалициските партнери во Владата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, нема партиски официјални ставови за тоа како да се надмине ваквата ситуација. Дијалогот за евентуално решение се одвива единствено во пописната комисија каде што членовите ги изнесуваат ставовите на Ахмети, односно на Груевски. Директна комуникација меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ или, пак, нивните лидери за пописот досега немало за да се остави впечаток дека политиката не влијае толку многу на операцијата, велат партиски извори.
Сепак, тие откриваат дека пописот на населението бил клучен дел од договорот меѓу Груевски - Ахмети пред формирањето на Владата. Три месеци по изборите, двете владејачки партии дури сега ги откриваат деталите од пазарењето за составувањето на Владата и постигнувањето на потребното мнозинство во Собранието. Партиски извори велат дека причината поради која ВМРО-ДПМНЕ по пет години власт, во кои остро се спротивставуваше на политичко решение за хашките случи, прифати амнестија е токму пребројувањето. Груевски дал амин за амнестијата, но добил ветување од Ахмети дека пописот нема да биде проблематизиран од Албанците, бидејќи не постои ризик за блокада на квотите предвидени со рамковниот договор.
ВМРО-ДПМНЕ како шок ја доживеа изјавата на Ахмети кога по средбата со приштинскиот и со албанскиот амбасадор во земјата на само три дена пред почетокот на статистичката операција го проблематизира Законот за попис и најави дека попишувачите ќе ги попишат сите отсутни Албанци што барем еднаш во текот на минатата година влегле односно излегле од државата.
Најголемата владејачка партија засега не знае зошто Ахмети го откажал ваквиот договор, кога таа веќе го исполнила својот дел од обврските. Од ДУИ, пак, молк за договореното.
Владини извори велат дека постојат две можни ситуации за решавање на проблемите околу пописот. Првата е директна средба меѓу Груевски и Ахмети на која јасно ќе се заземе став што и како треба да биде попишано. Средбата би се случила откога Груевски ќе се врати од Рим. Решението што го предлага ДУИ е продолжување на рокот за попишување до крајот на октомври, за да може да се стигне со целосно попишување. Ова веќе и било понудено од Груби на последниот останок на пописното тело. Засега ваквото решение е неприфатливо за ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека ако ДУИ игра нечесно, тогаш тие имаат право да инсистираат пописот да заврши на 15 октомври, па кој ќе биде попишан - ќе биде попишан!
- Уште веднаш албанските претставници побараа комисијата да иницира законски измени за продолжување на пописниот рок, но македонските претставници побараа да се следи ситуацијата на терен во наредни пет-шест дена и да не се избрзува со вакво решение - вели Барбареев.
Поткрепа на ваквата теза стигна и од собранискиот спикер Трајко Вељаноски.
- Првите денови од пописите секогаш биле полни со нелогичности и неправилности, но очекувам до 15 октомври пописот да заврши. Ниту очекувам ниту имам најави за некакви измени на Законот за попис - вели Вељаноски.
Второто сценарио е пописот целосно да пропадне. Како што велат извори од ВМРО-ДПМНЕ, најголемата македонска партија би ризикувала ваков исход, со тоа што крајните податоци од пописот не би биле познати ни за албанската ни за македонската страна.
Она што не смее да се дозволи е ескалација на терен со меѓуетнички тензии, бидејќи државата на 13 октомври, два дена пред завршувањето на пописот е во исчекување на бриселскиот извештај за напредокот на Македонија во евроинтеграциите. Иако извештајот е напишан, во случај на инциденти не е исклучено да пристигнат усни опомени од Европската Унија.
Автор: Катерина Нешкова Фотографија: Маја Јаневска-Илиева