Општи дискусии за игри

џимеј

џимилино
Член од
4 март 2007
Мислења
10.400
Поени од реакции
25.255
PSN Profiles ми вели дека овие се игрите што сум ги изиграл годинава, па после ми текна дека Slay the Spire ја играв на мобилен откако активирав три месеци бесплатно apple arcade. Некои од овие ги изиграв до крај, за останатите или немав време да ги довршам или чекаат на ред затоа што не биле приоритетни.

10. F1 23

Ја дадоа на ps+ essential во истиот месец со Sifu и реков ќе ја поиграм да полабавам малку. Сѐ она што го очекуваш од ваква игра и го добиваш, не знам што друго да додадам освен ова. Не можам да направам споредба со други F1 игри затоа што ги немам играно. Но дефинитивно е игра што ако не ти ја дадат бесплатна, нема да ја земеш.

9. Marvel's Spiderman: Miles Morales

Греота е да се спореди со Spiderman, иако немам ништо против Мајлс Моралес како протагонист. Напротив, баш ми е кул лик но очекував многу повеќе од играва. Еден колега овие приказни ги опишува како „приказни смислени во недела навечер“. Нема логика приказната на Мајлс Моралес. Стрико му е добар, ама воедно и лош, ама сепак е добар, девојката што ја сака е добра, ама после е лоша, ама сепак е добра. Нула редослед и логичности. Гејмплејот е проверена работа, но plot-от од едно уво влегува, од друго излегува.

8. Graveyard Keeper

Не знам што ми текна еднаш да проверам што е финтата со cozy games. Мислам дека еднаш дискутираа на ггмк околу Stardew Valley, па во истиот момент ја начекав Graveyard Keeper и ѝ дадов шанса. Имам уште многу за играње но уште отсега знам дека ќе ја играм и во иднина. Лабава игра, одличен саундтрак, луда приказна (гробар кој сака да си замине од светот помеѓу животот и смртта, но не го наоѓа излезот), симпатичен арт дизајн и добиваш исто онолку колку што ќе се внесеш.

7. Sifu

Пријатно изненаден од Sifu, и да не беше во ваква (сепак срамежлива) конкуренција, ќе котираше повисоко. Гејмплејот е фантастичен и додека се уходаш е малку тешка, бар за мене, но после откако ќе ја сфатиш финтата тече многу лесно и брзо. Кај Sifu ми се допаѓа што е од оние игри што можеш да ги играш до бескрај, покрај приказната има и дополнителни модови ако си фан на собирање трофеи и тепачки по одредено сценарио.

6. The Last of Us II

Сега ќе кажам неколку работи и да ми олеснат на срцево. ТЛОУ 1 е подобра од 2. Во 2 имаат направено една грешка (според мене) од која што после играта никогаш не се опоравува, а тоа е
Аби крвнички го убива Џоел. Да го убие на „помалку несакање“ или неговата смрт да е помалку брутална од ова, тогаш има минимални шанси да „навиваш“ и за неа кога ќе дојде нејзиниот ред. Вака, колку и нејзините одлуки и дејствувања да се оправдани, се потсеќаш на тоа што му го направи на ликот што го играш од почетокот на франшизата, и не ти е сеедно. Малку требало да чепнат во овој момент, но сакале да биде што побрутален и шокантен, притоа заборавајќи или не сакајќи да ни се допадне Аби.
.

Исто ме иритираше моментот дека има многу малку гејмплеј. Таман ќе се внесам, следува некој флешбек кој ме иритира. И GoW страда од ова, ама е во поблага форма таму. Од друга страна, не може да се заборави оваа игра. Имаш чувство дека приказната е комплетна, дека сведочиш на навистина грандиозна случка и интересни ликови кои те вовлекуваат во нивниот свет.

5. God of War Ragnarok

Можеби дека има повеќе гејмплеј тука па ќе ја ставам пред TLOU II, но во реалноста и двете би ги ставил на исто место. Рагнарок ми ја заокружи приказната но нуди помалку од што очекував во однос на претходниот дел. Секогаш има една мисија што не ти дава да ја преиграш играта или да си превозбуден, а тоа е кога одиш со Атреус низ Јотенхајм и ја запознаваш женската, па таа те воведува во твојот backstory. Ми го убиваат духот бавни поглавја каде треба да собереш ова, па она, како да траат 5 саати наместо колку што навистина траат. Гејмплејот е малку надграден, дури има и ново оружје, но ништо незаборавно или возбудливо. Би рекол дека го добив тоа што го барав и ништо повеќе ниту помалку.

4. Hades

Во совршен свет, сите игри би изгледале вака. Ова е баш она што треба да го има една игра - забава, cartoon-ish стил преку кој знаеш дека играш игра и тоа е тоа, одличен voice acting, интересно сиже, допадливи и забавни механизми, ги чекира сите квадратчиња. Нема гејминг сесија што ми поминала побрзо од едно трчање на Hades. Додека трепнеш поминале два часа, жена ти ти замерила дека не си ја слушнал нешто, другарите се жалат дека не им креваш на телефон. Магична игра.

3. Slay the Spire

Вчера го гледав трејлерот за 2 дел, и уште сега ми се тресат раце од превозбуда. Бавно течат допамин капките и ништо не ме опоравува од ова. Болен паднав кога ја завршив. Знаев дека чим еднаш ја завршам, нема да повторам пак. Ќе ја оставам играта со чувство дека сум ја поминал, иако технички еден завршеток е далеку од крајот. Но со чиста совест продолжив со животот. Во меѓувреме ја играв на свадби, крштевки, плажи, на тераса додека си седам со мачорот до два сабајле, тој брка проѕирни гуштери јас си терам со Ironclad да го освојувам подземјето.

2. Cyberpunk 2077

Дефинитивно на прво место ако не ја играв Елден Ринг во меѓувреме. Не се зезам, можеби и најдобрата улога на Кијану Ривс. Овде навистина имав чувство дека изборите што ги правам влијаат на текот на дејствието и карактерот што го играш. Го добив оној крај кој мојот лик го заслужуваше, свесно или несвесно. Не се каам за ниту една одлука, дури и тогаш кога имав чувство дека грешам, терав напред да си ја створам сопствената приказна за V кој од ништо доби сѐ и сѐ уште не беше задоволен затоа што себеси си беше најголем непријател. Cyberpunk е поетична игра, со уникатен гејмплеј, sidestories кои се некогаш и посилни од главната приказна, и unmatched атмосфера. Да можам повторно да ја доживеам за првпат. Да одиме на метал журки со Џони Силверхенд и да заговараме против корпорацијата која што ни ги зеде најважните личности од животот. Џони е V и V е Џони. И двајцата изгубија сѐ но се најдоа себеси и Night City никогаш не беше ист после тоа.

1. Elden Ring

Треба да ја доиграм, немам еден месец седнато ко човек да ѝ се нарадувам и криво ми е ради тоа. Се надевам дека ќе можам да изиграм нешто до крајот на годината затоа што ме фаќаат кризи. Не треба многу за да сфатиш каква мајсторија е играта. Освен Bloodborne немав друга Souls игра, и како и првата, и оваа беше љубов на прв поглед. Морав да го замарам wot на почетокот затоа што ништо не ми беше јасно, и неизмерно фала ради тоа, другар.

Elden Ring е генијална поради начинот на кој си ја градиш својата приказна. Нешто помалку наративно од Cyberpunk (далеку помалку) но речиси совршено. Го кажувам ова „речиси“ затоа што како да ми фали да има некој фолдер во менито со опција да можам да гледам со кој sidequest каде сум. Малку фали да не играш неколку дена и да си заборавил кого и каде си сретнал. Shoutout до слепата девојка што ја сретнав една ноќ додека роварев на југот од Лимгрејв, па ми даде писмо да го врачам на татко ѝ, па после да „заебам“ работа без да сакам и со тоа да ѝ пресудам. Којзнае уште колку ликови ќе носам на душа поради мојата несериозност. Мојот Tarnished се вика Амадеус затоа што така и го направив да изгледа, во мојата глава тој е симбиоза од Амадеус на Милош Форман и Едгар Алан По - во исто време е многу амбициозен и ексцентричен, но и мрзелив, па на крај очекувам да полуди и со тоа да остави траг во историјата на The Lands Between.
 
Член од
16 декември 2024
Мислења
2
Поени од реакции
2
"Gaming is all about fun and excitement, and Daman Game takes it to the next level! Our platform offers a thrilling color prediction game along with popular options like casino, aviator, and lottery. Whether you're into strategy or luck-based games , Daman Game has something for everyone. Join us to explore a world of entertainment and rewarding opportunities. Let's make gaming more exciting together!"
 

Kajgana Shop

На врв Bottom