Печуркарството во земјава може да биде исплатилив бизнис, доколку се има визија и добро се испита пазарот.
Вака вели Митко Бељмезов од Струмица кој во подбеласичкото место Колешино има подигнато одгледувачница и е единствениот одгледувач на лековитата печурка Реиши на Балканот.
„Спаѓа во печурките кои се тешки за одгледување. Од самото засејување на мицелиумот во супстратот до првата берба поминуваат пет месеци, а во тој период е потребно одржување на влажност на воздухот, температура“, вели Бељмезов.
Во моментов Бељмезов одгледува 3.300 вреќички со Реиши, но не застанува тука. Наскоро ќе почне да одгледува уште една лековита печурка.
„Наскоро планирам да одгледувам на Маи таи исто така лековита печурка, но за разлика од Реиши која е со дрвенеста структура, ова е јадлива печурка“, рече Бељмезов.
Досегашните клинички испитувања покажале дека Реиши печурката е природен извор на органскиот германиум, при што помага во превентивата против карциномните заболувања.
Во Македонија последниве години се подигнаа повеќе одгледувачници на печурки како семеен бизнис пред се во руралните средини.