БАБА РАДА ШЕКЕРОВСКА ЕКСКЛУЗИВНО ЗА ВЕЧЕР
Народот ќе одлучи дали ќе ја победам Шекеринска
Многу врева се крена за мене деновиве. Почекајте нека се случи нешто, да влезам во Парламентот па тогаш ќе разговараме. Тука нема ништо чудно. Ми понудија и јас прифатив. Многу се исплашија од мене. Народот ќе одлучи дали ќе бидам подобра од Шекеринска, ни рече Шекеровска
ВЕЧЕР вчера прв успеа да стапи во контакт со Рада Шекеровска, можеби најпопуларната баба во Македонија откако одлучи да се кандидира за пратеник на претстојните парламентарни избори. Како носител на Социјал-демократската партија во првата изборна единица ќе и се спротивстави на лидерката на СДСМ Радмила Шекеринска.
Шеесет и двегодишната штипјанка ни потврди дека во нејзината кандидатура нема ништо незаконско и дека е изненадена од стравот кој го предизвикала во СДСМ. Вели дека за тоа дали ќе освои повеќе гласови од Шекеринска, одлуката ќе му ја препушти на народот.
-Многу врева се крена за мене деновиве. Почекајте нека се случи нешто, да влезам во Парламентот па тогаш ќе разговараме. Тука нема ништо чудно. Ми понудија и јас прифатив. Многу се исплашија од мене. Народот ќе одлучи дали сум подобра од Шекеринска, ни рече Шекеровска.
Таа заедно со уште четворица носители на СДПМ, внесе голема забуна и предизвика реакции и кај Државната Изборна Комисија. Дел од членовите сметаат дека покрај имињата на кандидатите од оваа партија треба да се вметне дополнителен иницијал кој ќе појасни за кој кандидат станува збор, а други пак се сомневаа во исправноста на податоците доставени до ДИК. Сепак оваа партија ќе има свои листи во сите шест изборни единици. Јован Манчевски во втората изборна единица ќе му се спротивстави на Јован Манасиевски од Сонце-Коалиција за Европа предводена од СДСМ. Зоран Зашев оди против Зоран Заев во четворката, Јанис Макрис на Јани Макрадули во петката и Игор Иваноски на Игор Ивановски во шестата изборна единица.