Последно нешто што ми се допадна е ова, само можел човеков малку попросто да се изрази, барем да ги дели речениците почесто. Многу луѓе ќе се откажат на пола читање, не зошто е несфатливо, туку зошто треба труд да се долови една мисла. За тематиката и анализата, секоја чест
Потрага по политичкиот човек
Дваесет години бевме заложници на идејата на транзиција, без никој да објасни кои се условите под кои би се ослободиле од тоа заложништво. Парадоксално, ние бевме двоен субјект на долгата заложничката драма, односно бевме земени како свои заложници за потребата на неизбежни транзициски заложнички страдања за исполнување услови што вистински не постоеја. Но самото страдање генерира потреба на фантазмичко продуцирање на замислена голема идеја за која вредеше да се трпи мачната и болна приватизација, загубарите, стечајците, дегенерирањето на јавното здравство и образование, па дури и парадите на партиските елити, кои сфатија дека еден народ, сведен на таква заблуда и самозаложништво, е подобен за манипулација. Сега, кога транзицијата е завршена и кога веќе имаме јасно воспоставен систем на општествено-политичко и економско постоење, таа голема идеја се манифестира како поредок во константно отуѓување од себе, сѐ со цел да не земе облик на идеален систем за кој беа потрошени дваесет години тешка општествена трагедија.
Единствениот начин на одржување во живот на масовната манипулација на народот во Македонија од партиските елити, по две децении остана константното субверзирање на системот произведувајќи системско биполарно растројство преку величење на напредоците на државата, од власта, и безмилосно уважување на уназадувањето на истата таа држава од опозицијата во алтернирачкиот систем на истите партии во позициите власт-опозиција. Еден народ, кога е владеан од такви монструозни елити, очекувано е да остане во константна патолошка состојба на внатрешнување на криминалот, сиромаштијата, нееманципираноста, лудоста и перверзноста како ендемски форми на своето битие.
Во недостиг од каква било материјализација на веќе платената цена на транзицијата, обичниот граѓанин на Македонија ја презеде улогата на преправање дека живее во една нормална држава. Моментот на незадоволство што би ја реализирал политичката еманципација на човекот како неделив дел од народот во Македонија беше премостен со новата заложничка драма со идејата на ЕУ. Истиот тој човек-заложник денес не може да ја препознае самозаложничката драма во која креира заблуда, крајно наменета само за негова лична консумација. Заблуда што претставува своевидна колективизирана чинија, со која секој, сега веќе, граѓанин што е послушен, редовен во плаќање даноци и во гласање на избори, чека на ред за опслужување со истиот идеолошки оброк од заблуда. Хранејќи се дваесет години со заблуда, граѓанинот на Македонија се претвори во човек-заблуда, во човек што суштествено е детерминиран од заблудата како негов истовремено неограничен претекст и неограничено оправдување за земањето под заложништво.
Холокаустот на слободата на човекот со должноста за граѓанство во сѐ уште нереализиранот систем, според волјата-идеја на народот, кој е во бесконечно очекување, денес во Македонија се прекрива со формалната слобода на избор во контурите на политичко-економскиот систем што се гради токму преку неговото тврдење за сопствената нецелосна изградба преку бесконечен транзициски процес на константно градење кон нешто непознато. Актуелната слобода претставува овозможување избор на јасно посакувана форма на општествено организирање, избор што би бил сосема ослободен од денешните процеси и денешните идеолошки сфаќања, што би значело прекузаконски и прекууставен слободен избор.
Деновиве се најавуваат протести на таксисти, отпадџии и други социјално загрозени групи граѓани. Во Македонија со 30 проценти невработени перспективата за радикални настани се чини доста можна Во нив единствено радикално е раскинувањето со сопственото заложништво, кое во последните години се храни со заблудата дека со огромни статуи, ново-стари градби, шлемови, мечови и штитови, лавови и бродови, Македонија ќе добие облик на изграден систем и држава. Не може да се каже дека во Македонија не постои критика на формите на заблуда и заложништво што власта ги креира, но таа критика е главно коментаторска, а она што вистински може политички да ослободи е политичкото мобилизирање улици и плоштади. Улицата претставува еден од најзначајните простори за суштинско занимавање со политика, која во форма на проникната вистина станува водечки диктат за градење на системот, а снаодливоста на луѓето на улица за формирање на нивното здружување станува агент на радикалната промена.
Ако сакаме да преживееме како луѓе без да се претвориме во зомби-граѓани, да воспоставиме систем што одредува долна социјална граница под која никој не може да потпадне. Лага е дека Македонија е сиромашна држава, но вистина е дека Македонија има сиромашен народ. Во време на светска рецесија и криза, во време на мерки на штедење од сите земји, Македонија троши стотици милиони во градење монументи на заблуда.Тие монументи денес можеби претставуваат градби на гордоста за национализираниот граѓанин на оваа држава, но утре во многу поголема мера може да претставуваат градби на гнев на социјалниот човек на Македонија.
Можноста на радикалната промена во Македонија не се должи на крајно безизлезната ситуација, туку на масите, на луѓето на улица што преку тоа собирање почнуваат процес на политичка еманципација преку воспоставување на јавниот простор како место на собир и единствен простор каде што политиката се појавува во нејзиното автентично својство – колективноста.
Авторот е член на Институтот за општествени и хуманистички науки од Скопје
Автор: Артан Садику
--- надополнето: 25 април 2012 во 01:46 ---
И ќе заборавев, колумните од анонимни младичи на офнет се добар осврт на колумната како форма во Македонија, иако често обработуваат теми кои се скоро безначајни.
Ана Мартиноска во Нова Македонија прави бесмислени колумни, измислувајќи топла вода, феминистка која обработува тези вртени по милион пати. Од друга страна, можеби и постојат луѓе кои сеуште не се запознаени со темите кои обично ги анализира, но овие луѓе не ни верувам дека воопшто читаат колумни.