Драгане Павловичу-Латас ... Види вака!
Љупчо Зиков
Не може човек да остане при здрав разум по ваква колумна на Латас... Сега, по шест години Преродба, треба да се надеваме дека „свежината на брановите на промените” ќе донесе на власт нови 150 „гладни деца”, кои ќе продолжат да ги „крчмат” државните буџети! Дали ти текнува, Драгане Павловичу, дека додека свежите бранови ве опиваат сите ВАС таму во „бегстејџ”, Македонија ја губи моралната поента на своето постоење, оти едноставно, оваа земја не го усреќува сопствениот народ. Фали само една одлука за еутаназија... од некаде однадвор (ти можеби и подобро знаеш од каде) и така освежени од промени да нe снема... Дали тоа го посакуваш, Драгане Павловичу?! Ајде да отвориме јавна дебата. Без политичари. Дебата во која искрено ќе зборуваме и ќе се гледаме во очи! Ајде... „освежен низаеден”!
Сакам да му се обратам лично на Латас! Најлично... Оти, Латас не е глупав човек! Напротив. Македонската дваесетгодишна јадна стварност, што денеска сите ние со „симнати гаќи” ја сведочиме, докажува дека Латас не е глупав човек. Тој секогаш бил таму каде што треба – и во времињата под Бранко, и оние под Љубчо и овие под Груевски!
Скицата на овој текст, мили мои читатели на „Капитал“, ја пишувам заседнат во удобна фотелја во една банкарска канцеларија на Рокфелер центар во Њујорк...! Рано претпладне... Се давам во убавина и шарм, адреналин раширен од позитивна енергија на луѓе кои создаваат! Америка излезе од криза... оди напред! А јас ги читам „свежите бранови во ВМРО-ДПМНЕ” и „Промените на Латас” во „Вечер“. Сега се прашувате зошто го правам тоа? Да се убиеш? Ајде де...
Со ништо не се согласив со него во текстот (инаку, редовно го читам Латас - поради прецизните пораки што власта ги испраќа преку него), освен со фактот дека и покрај сe, Груевски повторно го матира Црвенковски и е „десет минути” понапред во политичката битка за задржување на власта! Еве, и јас да додадам дека отсуството на возбуда и вознемиреност во СДСМ од најновите потези на Никола Груевски е само директна потврда колку овие луѓе „удавени во сопствената немоќ и неспособност”, овде само пусто чекаат Груевски сам да си оди, а тие да дојдат на негово место! Што ли чекаат, којзнае... Дотогаш Бранко Црвенковски е само жив штит на власта на Никола Груевски и ништо повеќе. Јадно! И тука нема ништо спорно, Латасе, драг пријателе... Колку да сме начисто дали воопшто застапувам нечии ставови во овој текст! Но, тоа не е поентата, БРЕ фраеру...
Ајде да дебатираме! Но, те молам, без „кур и пичка”, „говно низаедно”, „курви и проститутки”, „педери и шербетлии”, „гз ваков”, „гз онаков” и „гз ти мајчин”. Извини што овде ги потсетувам термините. Го направив тоа единствено со намера да укажам на што мислам, за да не кажеш не сум дефинирал... Одважи се, брифирај се ако треба, спремај се и излези на мегдан да ДЕБАТИРАМЕ ЗА ВИСТИНСКИТЕ ТЕМИ! А тие се многу поважни од судбината на министрите и вториот и третиот ешалон... Барем да се некои ешалони!
Зошто ова писмо до тебе!
Претеруваш! Ај не сака човек да реагира, да спушта нивоа на комуникација, ама ти, пријателе, ги минуваш сите граници... Па боже наш, како не ти текнува бре, Латасе, кога ги „куцаш” тоа редовите на компјутерот дека колку е Бранко на власт, толку и ТИ сосе Ѕинго сте на власт! Како не ти текнува наутро кога ќе се погледнеш во огледало дека од другата страна излегува Бранко, Љубчо, Никола или Ѕинго... Како не ти текнува дека вие четири, пет, шест таканаречени „мудреци” од медиумските редови (од сите бои) со вашите „свежи селски интелигенции” му ебавте мајка на цело јавно мислење во сите години наназад. Дека ја држите во заложништво целата медиска сцена, а токму такви „полноглавци” ве сакаат по партиите!
На пример, Латас, вистинското прашање сега е дали „свежиот бран промени” ќе го зафати округот на Кратово, „задња пошта” Силекс и Министерството за земјоделство сосе Дирекцијата за субвенции! Баш ме интересира... А? Ајде и за тоа да зборуваме...
Зарем не си помислил, Латасе драги, дека Ѕинго во моментов е со Груевски не заради идеалите на Македонија, „јебо те бог”, туку заради втората етапа на приватизацијата, која е во тек... а тоа е да ја легитимира првата етапа (мое Кратово) и потоа - запоседнувањето на финансиските токови во земјата преку Буџетот! Е што, ние нафта ли пиеме?! За сево ова прилично се заинтересирани и во Брисел и во Вашингтон!
Ама Ѕинго поради тоа беше и со Бранко! И поради истите причини ти тогаш исто звучеше... Се сеќаваш ли на славниот слоган од деведесттите: „Ѕинго педер, напред Вардар...”. Па кога Ѕинго му се жалел на Бранко за поведението на Комитите-Запад на градски стадион, а Бранко му ветил дека ќе среди, па на следниот натпревар на Вардар, Комитите смениле малку и викале: „Ние сме педери, Ѕинго е наш“!!!!
Ти не си глупав човек, Латас, ама претеруваш човече... Зошто, друже, не тргнеш како треба – од позицијата дека и ТИ си истрошено дете на транзицијата како и Бранко и Ѕинго... Ајде, кажи го тоа! Родител во средни години си ти... Мислиш ли ти на иднината на своите деца? Па не е сe во кешот, пријателе!
Во која земја живееш ти?! Зошто не дебатираме за вистинските нешта, туку како „прдеж во гаќи” се вртиме околу тоа зошто Груевски се „освежувал со бран промени” деновиве...
Ја заболе јавноста за освежувањата на владејачката коалиција! Дајте бре, да зборуваме за вистинските нешта... 350.000 невработени, а 420.000 вработени! 150.000 јавна администрација! Алооооо! Трговски дефицит над 500% зголемен за дваесет години! Скоро една милијарда евра увоз на храна! За само две години позајмени се над 650 милиони евра! За што? ОВА СЕ ВИСТИНСКИТЕ ТЕМИ! Ало, фраеру!
Па не е сета вистина БРЕ во устите на Латас и уште четворица сосе „класната раководителка”! Па не читаат само тие... ако воопшто читаат нешто!? Читаме и ние...
Во што е проблемот Латас?! Каде вреѓаш интелигенција?
Додека јас, Драгане Павловичу-Латас, во деведесеттите години пишував големи критики за политиките на Бранко Црвенковски и заедно со „Дневник“ ја уривавме неговата влада, а јас ја градев мојата голема новинарска кариера, ТИ истата таа власт на Црвенковски слепо ја бранеше... Сосема исто како што денеска тоа го правиш со владата на Никола Груевски! Нема никаква разлика. Да, секако, тоа е истото она време кога, како што раскажуваш во својата вчерашна колумна, стариот Буш беше претседател на САД, па Бил Клинтон, па младиот Буш, до денеска Обама... Но, тоа е и ТВОЈОТ голем проблем...
Затоа, денеска, Латасе, мој драг пријателе, нас во „Капитал“, а сигурен сум и поголем дел во јавноста, воопшто не нe интересираат „вратоломиите” на министерката за внатрешни работи и каков полициски „бос“ бил Каширски... Ниту нe интересира кога ќе им почнат смените во Владата! Баш нe заболе за тоа... Како што ич не нe боли дали имаат замор на материјалот...
Ајде да не ја замајуваме јавноста! Ајде да дискутираме за ВИСТИНСКИТЕ НЕШТА! Еве кои:
Прво, кои се ефектите од 12-15 милијарди евра, колку што приближно „тежат“ сите буџети од 2006 година наваму?! Голем дел од овие пари, освен што беа „изедени” за плати на јавната администрација - партиски наредена за гласање - отидоа преку каналите наречени „капитални инвестиции” во познатите проекти низ Скопје. Колку од овие пари, во најмала мера, „се недомаќински потрошени”?! Државниот завод за ревизија има тони хартии со извештаи за ова... Запрепастен сум колку и странски влади знаат за тоа како се трошат парите во Македонија.
Второ, голем дел од парите контролирани од луѓето министри и директори на Ѕинго се „крчмеа” и преку каналите наречени субвенции за земјоделците... Со овој кеш од сите нас македонските граѓани се создаваше новата бизнис-елита.
Никој нема ништо против нагонот да работи, да инвестира и да прави пари, но денес од оваа позиција некој да ви соли памет дека многу прави и се одрекува во името на светлата патриотска иднина за Македонија е рамно на ретардација пред оние кои гледаат и разбираат и судбината на илјадници кои секој месец се иселуваат од земјата! Годишните ревизорски извештаи на Државниот завод за ревизија, секако, СЕГА нема да бидат предмет на анализа. Но, еден ден сигурно една влада ЌЕ МОРА (Брисел и Вашингтон ќе побараат) да се наврати на овие прашања... како се трошеа македонските државни буџети.
Трето, некој ќе мора „онака свежо и брановито во промени” да одговори зошто во Македонија банките не даваат кредити и не се отворени за сите компании и идеи еднакво, а парите ги чуваат во НБМ. Зошто? А во исто време милијардите преку Буџетот се распределуваат на начин како ќе каже главниот „борд”. Кој ќе плаќа за овој злочин? Зошто за ова не разговараме, Латасе, мој драг пријателе? Ајде на ова да се задржиме малку повеќе...
Четврто, или зошто не разговараме, Драгане Павловичу, за тоа кој сe има под 5% акции во македонските компании и кои ликови групирани здружно ги контролираат финансиските текови во земјата... Зошто овде немаме „свежи брановити промени”...
Петто, зошто не разговараме, Павловичу, за „многу интелигентниот” заклучок на НБМ и нејзиниот гувернер дека најголемиот резултат во Македонија за дваесет години е стабилноста на денарот и НА ЦЕНИТЕ!!!!! Да, стабилноста на цените, ама на кое „факинг” високо ниво! Па ти, Латасе, самиот пишуваше и цели вести правеше за цените на Топлификација. Стабилни цени на високо ниво – парно, нафта, струја, бензин... Удри му, Латасе, 18% (мислам дека треба да знаеш да вадиш проценти, ако не знаеш, јави се...!!!) ДДВ, па види колку е тоа приходи во Буџетот. А нашите бизниси нека „пушат”, Латасе мој драги...!? Агрокор од Загреб и Имлек од Белград да се вечни за Македонија!? Така ли?
И сега треба да се радуваме на „свежината на брановите на промените” да донесе на власт нови 150 „гладни деца” кои ќе ги крчмат така собраните даноци како производ на ВИСОКИТЕ СТАБИЛНИ ЦЕНИ! Дали ти текнува, Латасе, дека додека свежината ве опијанува сите ВАС таму во „бегстејџ”, Македонија ја губи поентата на своето постоење? Фали само една одлука за еутаназија... од некаде однадвор (ти можеби и подобро знаеш од каде) и така освежени од промени и пијани од убавини едноставно да нe снема...
Дали тоа го посакуваш, Драгане Павловичу?! Кажи... Ајде да отвориме јавна дебата. Без политичари. Дебата во која ќе зборуваме и ќе се гледаме во очи! Ајде, Латас!
Интересно