Со среќа новата клима и многу години да те служи!
Ти посакувам да ти се погодат монтерите, но не се на одмет неколку совети:
- Прво и основно твое е да обезбедиш квалитетен електричен вод (3 x 2.5) директно од разводната табла со одвоен автоматски осигурувач од 16А. Тоа во пракса би значело ако има други потрошувачи врзани на таа "линија", да се префрлат на други осигурувачи.
- Не дозволувај да те разубедуваат за местоположба на внатрешната единица ако ти мудро си ја одбрал. Често треба да биде монтирана над прозорец, а монтерите сакаат да го избегнат тоа (бушење во бетончето над прозорецот). Ако веќе се избориш за таква позиција, ќе гледаат да ја монтираат високо до таванот (добро за нив, лошо за тебе). Инсистирај да има најмалку 15 цм од таванот, уште подобро ако има повеќе (20 - 25 цм).
- Надворешната единица треба да биде прецизно нивелирана, околу неа мора да има што повеќе слободен простор, 50 цм во сите правци како некој минимум. Никако збутана во некое ќоше на тераса.
- Обавезно гумени бафери. Евтините даикини имаат тенок лим и знаат да тропаат како тенекија, затоа бафери се задолжителни. Ако при првото вклучување приметиш вибрации, тропање, барај од монтерите веднаш да ги престегнат шрафовите на надворешната, често тоа го решава проблемот.
- Минимум 3 метри цевки, идеално 5. Се подразбира цевките да бидат независно изолирани, а потоа надворешно заштитени.
- Инсистирај на 3 x 2.5 мм мрежен кабел. Каблите што се користат се релативно неквалитетни со помал процент на бакар, изложени на надворешни влијанија, прони на оксидација, а тоа што се лицнасти не им оди во прилог. Разликата со 1.5 мм кабел е симболична (10 ден. од метар) и банално е да се штеди на тоа, независно колку ампери би "влечела" климата.
- Вакумирање од минимум 20 - 30 мин. Уште поважно на крај од вакумирањето да се затвори системот и да се почека 30-на минути и потоа да се провери притисокот. Идеално време да им свариш по едно кафе и да се покажеш како добар домаќин.
- Одводните црева не треба да се занемарат. Тоа е важен момент за да не си имаш проблеми со комшиите ако си во зграда, или дворот да ти биде покриен со вода (мраз во ладните зимски денови).
- На крајот темелна проверка на работата на климата, гледај да ти ги замачкаат дупките со радикол, да го соберат ѓубрето и ако се е по п.с. дури тогаш стави свој потпис како задоволен нов корисник.
Вака сабајлечки сигурно нешто сум пропуштил, но затоа сме тука на форумов, да си помагаме и надополнуваме.