Датум 23.05.2014
Расмусен притиска преку Ахмети
Ахмети да поттурне, Груевски да попушти за брзо решение за името. Примерно или не, притсокот на НАТО очигледно се зголемува, коментираат дел од аналитичарите.
По посетата на првиот човек на Алијансата и повторената порака дека без компромисно решение на спорот со Грција нема покана за членство, според аналитичарите станува и кристално јасно дека Алијансата игра отворено на картата „Ахмети“ во омекнувањето на Груевски. Притисокот станува очигледен, коментира за Дојче веле Исмет Рамадани, претседател на Евроатлантскиот совет на Македонија:
„Самото доаѓање на Расмусен, ако се чита меѓу редови, треба повеќе да се сфати како еден притисок, а во исто време и оваа посета доаѓа како поддршка на ставовите на Али Ахмети како лидер на ДУИ кој го изразува повеќе тој ентузијазам за влез во НАТО и решение на проблемот со името. Ахмети не може да влијае толку кај Груевски колку што може да влијае врз тоа што значи да се добие поддршка, односно да доаѓа поголем притисок од надвор. Тоа на еден начин ќе значи притисок врз Груевски и не сум сигурен како сето тоа ќе заврши. Мислам дека Ахмети може дури и да добие знак да создава политичка криза која може да влијае Груевски да ја загуби моќта, односно да биде развластен од големата моќ што ја има во земјата со неговата партија. Интересно е дека Премиерот беше помек во тоа, што значи дека е подготвен да разговара за името, дури и подготвен е да се реши проблемот до самитот на НАТО во септември и тоа како да дава надеж дека сепак Република Македонија е подготвена, но во исто време пораката како да звучеше дека се` зависи од другата страна, односно колку Република Грција ќе биде спремна да се најде компромис“, коментира Рамадани.
Провокација
Поранешниот амбасадор Ристо Никовски пак смета дека е непримерно што НАТО продолжува да демонстрира непочитување на Хашката пресуда, што според него е класично игнорирање на меѓународниот правен поредок. Тоа што се игра преку Ахмети, според него, е провокација:
„
Средбата на Расмусен со Ахмети е чиста провокација. Тоа не изненадува, бидејќи тој цело време, барем во однос кон Македонија, стриктно и безобразно ја спроведуваше американската политика, чиј стратегиски регионален партнер е токму Ахмети (ДУИ, ОНА).
Само неколку часови по објавувањето на пресудата во Хаг, генсекот излезе со оценка дека таа не е релевантна за НАТО. За таков ‘испад‘ тој секако имаше претходни инструкции од Вашингтон.
Непримерно е што НАТО продолжува да демонстрира непочитување на Хашката пресуда, вели Никовски
Добро е што Расмусен, и покрај целата сервилност, сепак, не е реизбран. Жално е што тој наивно или бескрупулозно лажеше во Скопје.
Судот во Хаг навистина нема формални ингеренции врз алијансата, ама има врз нејзините членки, а преку, и заради нив, мора да ги есапат и Судот и пресудата. Членките на алијансата имаат свој ‘багаж‘ кој е дел од вкупнот мозаик, што целосно обврзува. НАТО, впрочем, не може да постигне консензус за блокада и уцена на Македонија ако се почитува грчката официјална обврска да не го попречува приемот на земјата.
Алијансата и тука си игра мижитатара со меѓународното право. Така се однесуваат само терористичките организации“, реагира Никовски.
Погрешна адреса
Според поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО Нано Ружин, освен проблемот со името, на контото на Македонија тежат и други, пред се‘ внатрешнополитички и проблеми со демократските процеси, што извесно е дека Расмусен му ги кажал на Груевски. Ахмети, според него, е погрешна адреса:
„Од искуството само можам да претпоставам дека Расмусен му кажал на Груевски за дефицитарната демократија, настаните од 24 декември, нереализацијата на Мартовскиот договор, неправилностите на изборниот процес, отсуството на опозицијата, медиумскиот мрак. Вториот битен елемент кој сведочи за одредено незадоволство на генсекот на НАТО од водените разговори е апелот до Али Ахмети да помогне да се реши проблемот со името со Грција, што е целосно вонинституционално барање со оглед дека вистинската адреса за ова прашање е Владата на РМ.
Вистинската адреса за решение на спорот со името е Владата на РМ, оценува Ружин
На тој начин улогата на Ахмети расте во очите на Алијансата како фактор од кој може да се очекува решение за името. Третиот важен фактор е што со инсистирањето на цврстата поврзница на името и членството на РМ во НАТО се означува дека геополитичката опција за покана на земјата во Алијансата под дејство на настаните во Украина отпаѓа како опција. Впрочем, за таквиот вид на опција не решава Расмусен, туку позначајни политички играчи во САД и Европа. Искри на надеж можеби постојат, но пораката на Расмусен кон македонското раководство беше јасна. Ќе добиете покана кога ќе го решите проблемот со името. Под тежината на овој проблем отпаѓаат останатите параметри на дефицитарната демократија, но јасно е дека и тие елементи на Годишната национална програма за членство тежат врз имиџот на Македонија во НАТО“, коментира Ружин.
Интересно е што по разговорот со Расмусен, лидерот на ДУИ во Мала Речица се сретна со грчкиот амбасадор во Македонија Харис Лалакос. Како што соопштија од ДУИ, Лалакос изјавил дека во Грција има готовност да се интензивираат разговорите за постигнување компромис со Македонија во рамките на процесот што се води во Обединетите нации.
Ахмети пак, ја подвлекол готовноста на ДУИ за директен придонес кон постигнување компромисно решение.