Сонот на Ристевски ќе стане јаве во Парма
На 12 февруари стана полнолетен, а трансферот со тимот од Серија А каде веќе се пресели, ќе го официјализира летово
Стефан Ристевски, младинскиот репрезентативец на Македонија и доскорашен член на Вардар си ја исполни желбата од детството, да игра за голем клуб на интернационалната сцена. Сонот ќе стане јаве летово, кога 18-годишното момче и официјално ќе потпише 5-годишен договор со Парма. Работата е веќе завршена, а русокосиот тинејџер од Скопје се пресели во италијанскиот град. Градот на архитектурата и спортот доби и македонско обележје, а Ристевски вели оти е задоволен од првичниот впечаток.
- Парма е прекрасен град, мирен, жителите се слични по темперамент со нас Македонците и среќен сум што сум тука. Секако дека е тешко на почетокот, бидејќи не го говорам нивниот јазик, но оптимист сум дека и таа пречка брзо ќе ја совладам - ни рече Ристевски.
Тој задоцни само 12 дена да стане член на Парма во зимскиот преоден рок, бидејќи трансфер пазарот во Италија беше затворен на 1. февруари. Полнолетство деснокрилниот играч прослави на 12 февруари. Според фудбалските правила на италијанската Серија А, странец нема право да потпише професионален договор пред да наполни 18 години. Од летово Македонија ќе има двајца претставници во силната Серија А, Горан Пандев и Стефан Ристовски. Домашниот фудбал остана без голем потенцијал, а тинејџерот вели дека „љубовта“ кон матичниот клуб Вардар останува.
- Жал ми е што заминав од Вардар, клубот во кој ја почнав фудбалската кариера. Тој ќе ми остане засекогаш во срцето, но животот е таков. Верувам дека еден ден ќе се вратам во редовите на мојот омилен клуб. Тука во Парма имам цимер од Србија, а во комуникацијата ми помага и бугарскиот интернационалец Валери Божинов. Веќе имав еден тренинг со првиот тим. Пракса е во Парма младинците по тројца во група наизменично одвреме навреме да тренираат со првиот состав. Не ми се веруваше кога ме повикаа да тренирам со првотимците, но брзо се вклопив - ни вели Ристевски.
Со добрите игри во Вардар тој го сврте вниманието, а експресно реагираше Владимир Југовиќ, легендата на српскиот фудбал. Тој им го препорача на челниците на клубот од областа Емилија Ромања. Ристевски игра на позицијата десен бек, иако одлично знае да ја покрие истата страна и во нападот. Дека е фудбалер со голем капацитет покажа и на пријателскиот меч против Србија во дресот на македонската репрезентација до 21 години. Српските ѕвезди од Челси, Интер, Сампдорија, Ајакс... не мрднаа крај цврстото момче од скопската населба Карпош 1. Главна одлика му се брзината, одличниот преглед во играта, а има и солидна техника.
- Задоволен сум од начинот на кој одиграв. Во еден момент почувствував грч во ногата, но не е ништо сериозно. Одиграв една средба и за вториот состав на Парма и задоволен сум. Со нас играше и стандардниот член на првиот тим Луис Хименес. Чилеанецот е супер играч, но мене најголем впечаток ми остави Ернан Креспо. Аргентинецот е светска ѕвезда и тоа веднаш се забележува. Околу него се врти се во Парма - вели Ристевски. Сепак за него нашиот Горан Пандев е број еден.
- Горан е пример за вистински професионалец. Заедно патувавме за Италија и ми даде корисни совети. Се понуди да помогне во секое време, доколку имам некаков проблем. Се надевам дека ќе тргнам по неговите стапки - вели Ристевски. Парма е двократен освојувач на УЕФА купот, еднаш славеше и во КПК, и е средина што произведе и промовира многу светски фудбалски марки. Најпознати играчи што настапувале за популарните „млекари“ се Буфон, Тирам, Канаваро, Ѕола, Стоичков, Ди Вајо, Муту, Кјеза, Пипо Инѕаги, Панучи, Балбо, Ортега, Сенсини, Верон, Адријану, Асприлја и уште многу други. Ристевски верува во себе, а Македонија се надева дека ќе добие уште една калчо ѕвезда од калибарот на Дарко Панчев и Горан Пандев.
http://www.dnevnik.com.mk/?itemID=C2EBB6734E35254FA3499E9B3674396E&arc=1