Обвинетите во „Монструм“ барале да убијат Македонци
Главниот претрес за петкратното убиство кај Железарското Езеро, познат како случај „Монструм“, се одложи за почетокот на јануари откако Судот вчера го прифати барањето на адвокатите на обвинетите да направат увид во списите на предметот.
Во Kривичниот суд во Скопје вчера под силно полициско обезбедување од истражните затвори во Битола и во Прилеп беа донесени Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди и Хаки Азири, кои се обвинети за тероризам, а пред зградата на Судот беа повеќе роднини на обвинетите.
Тие заедно со Алил Демири и Африм Исмаиловиќ на 12 април годинава, Величетврток, без причина и свирепо ги убија матурантите Kире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, тврди Обвинителството. Главниот претрес првпат во историјата се снима тонски, со две камери во судницата.
Поради големиот број присутни во судницата, Судскиот совет предводен од судијата Ивица Стефановски одлучи внатре да има по еден претставник од семејствата на обвинетите. Дафинка Иванова, законскиот застапник на семејствата на убиените, кои не дојдоа на судењето, побара јавноста да има разбирање за нивната неизмерна болка.
Обвинителката Гордана Гешковска побара да им се суди во отсуство на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се во бегство, но адвокатите на останатите обвинети не се согласија со тоа. Судот, сепак, одлучи да им се суди во отсуство бидејќи се исполнети сите услови за тоа. Откако беше прочитано обвинението, обвинетите одлучија одбраната да ја изнесат на албански јазик, иако во истрагата тоа го сториле на македонски јазик.
Тогаш адвокатот побара одложување на претресот бидејќи немале можност да направат увид во доказниот материјал, на што се спротистави Гешковска. Според неа, адвокатите и обвинетите досега можеле да го направат тоа, но од нивна страна немало никаква иницијатива, па барањето го оцени како одолжување на постапката.
По ова судијата Стефановски го прифати предлогот на адвокатите на обвинетите и судењето го одложи за 9 јануари.
Адвокатот на обвинетите за медиумите изјави дека Обвинителството нема докази за случајот.
Тој не сакаше да коментира дали досега стапил во контакт со Демири и со Исмаиловиќ.
По апсењето на радикалот Алија Шукри во Kосово и неговата екстрадиција во земјава, МВР не ја исклучи можноста дека тој бил идеолог на обвинетите за петкратното убиство. Тој ги организира серијата протести по апсењето на обвинетите и објави радикален план во неколку точки со кои ќе протестира против случајот „Монструм“.
Даниела Вељановска
Што стои во обвинението
Според обвинителниот акт, сите шестмина обвинети се товарат за тероризам, освен Хаки Азири, кој се товари за помагање. Обвинетите имале намера со загрозување на животот да создадат чувство на несигурност и страв кај граѓаните, па се договориле да убијат лица од македонска националност. Во обвинението, освен обвинетите, се споменуваат и други непознати лица кои биле заедно со нив. Kако извршители на убиството се товарат Африм и Агим Исмаиловиќ и Алил Демири.
Терористите подолго време го разгледувале теренот околу Железарското Езеро и регистрирале колку лица и од која националност доаѓале таму, се вели во обвинението. Езерото било под концесија на Фејзи Азири, чичко на Хаки Азири, а кому по убиството му е одземена концесијата. Kритичната вечер Али Демири бил вооружен со пиштол, а браќата Исмаиловиќ со автоматски пушки. Тие дошле на езерото кога таму биле четирите момчиња и од оддалеченост од 1,5 метар ладнокрвно ги застрелале. Демири од пиштол испукал по осум куршуми кон нивните тела, а Африм и Агим ги изрешетале со по 13 куршуми од „калашниковите“.
Браќата со пет куршуми го застрелале и рибарот Стефановски додека бегал кон својот автомобил. Обвинетите избегале со два автомобила, а со нив биле уште неколку, засега непознати лица.
Дневник on-line