атум: 21.04.2012, 16:41
Груевски: Длабоко ќе зажалат сторителите на грозоморното дело
Цврсто верувам дека сторителите на грозоморното дело ќе зажалат, длабоко ќе зажалат за петмината убиени кај Смилковското Езеро, изјави премиерот Никола Груевски кој присуствуваше на пуштањето во употреба на нова клучка за пристап до аеродромот „Александар Велики“.
Груевски сторителите ги нарече монструми и искажа увереност дека тие ќе бидат изнесени пред лицето на правдата.
- Сега треба да се остави Министерството за внатрешни работи да ја сработи својата работа. Како што кажав, вработените во МВР и полицајците се обучени и високо мотивирани. Помотивирани ги немам видено до сега. Оттука излегува мојата цврста верба дека ќе го најдат сторителот на ова грозоморно дело, ќе ги најдат овие монструми кои убија петмина недолжни луѓе кои веројатно не ги познаваат и никогаш не ги сретнале претходно и не знаеле веројатно ни како се викаат во моментот кога ги убивале. Тоа можело да го направи само монструм и никој друг - рече Груевски.
Како што истакна премиерот задолжените служби работат 24 часа за расветлување на инцидентот.
- Впечатокот е дека досега немало така прецизен и до толку многу професионален и детален увид како што сега е направен што ми дава исто така дополнително охрабрување што сето тоа ќе даде резултати. Вклучени се сите служби, и Службата за јавна безбедност и за државна безбедност (УБК), работат заедно, работат 24 часа. Поделени се во групи и во смени, без пауза, изјави Груевски.